Општина Карпош нема завршено ниту една инфраструктурна обврска околу зградата па затоа станарите немаат каде да паркираат, вели инвеститорот „Настел“ на комплексот во населбата Тафталиџе.
Вчера попладнето во акција на ЈП „Градски паркинг“ беа кренати возила кои беа паркирани во зеленило околу зградите. Инвеститорот вели дека луѓето немаат каде да се паркираат бидејќи Општината ниту го направила паркингот, ниту пристапните улици за да можат станарите да дојдат до паркинзите во зградата.
„Дадовме 3 милиони евра за комуналии на Град Скопје и Општина Карпош, а ништо не е направено. Според постојниот детален урбанистички план, Општината треба да направи паркинг за 500 возила, да ја пробие и продолжи улицата Прашка и да изгради нова улица. Зградата е комплетно завршена, становите се вселуваат, а луѓето не можат ниту да пристапат до зградата а камоли да се паркираат. До сега десет пати сме пратиле писма до Општината, последното е испратено на 30 мај во кое ги наведуваме проблемите со кои се соочуваме и тоа дека не им се исполнети нивните обврски. Никој не ни одговорил, ниту градоначалникот Стефан Богоев стапил во контакт со нас“, велат од градежната фирма „Настел“ инвеститор на објектот во Тафталиџе.
Од „Настел“ велат дека тие имаат обезбедено паркинг места околу зградата и во зградата. Но и на тие паркинзи не може да се паркираат станарите оти пристапните улици не се направени.
А. АНТЕВСКА