Сојузот на средношколците ја повика Општина Радовиш да го обезбеди законскиот бесплатен превоз за 66 ученици од Општина Конче кои учат во радовишкото средно училиште „Коста Сусинов“, а кои повеќе од една недела губат настава оти немаат превоз. Сојузот најави дека за проблемот ќе го информира и Народниот правобранител, бидејќи се крши Законот за средното образование според кој, за редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом.
Општина Конче има околу 300 основци и 66 средношколци кои учат во Радовиш оддалечен 22 километри. Раководството на средното училиште е недостапно за коментар.
Од Општина Конче соопштија дека проблемот настанал кога требало да се продолжат концесиите на превозниците за цени повисоки од оние во договорите, а таа корекција на наишла на прием кај раководството на средното училиште во Радовиш, кое пак, треба да ја процесуира крајната постапка до Министерството за образование за прифаќање на новите цени за превоз.
„Поради немање превоз, учениците губеа часови и не ја посетуваа наставата. Ние како Општина се обидовме заедно со раководството на рудникот Боров Дол да организираме некаков превоз за учениците во изминатите денови. Но, со оглед дека тоа не е нивна, ниту наша обврска и не може да трае вечно, решивме ако средното училиште ‘Коста Сусинов’ и Министерството за образование не си ја исполнат законската должност за бесплатниот превоз на учениците, тогаш ние ќе купиме комбиња, ама нема да дозволиме нашата иднина да нема услови за образование“, вели градоначалникот на Конче Златко Ристов.
Т. ЈОВАНОВСКИ