Општина Куманово изработила проект за реконструкција на мостот на реката Пчиња, во истоименото кумановско село, но нема пари за негова реализација. Според груба проценка на градоначалникот Максим Димитриевски, реконструкцијата на мостот би чинела околу 300.000 евра.
„Веднаш по доаѓање како градоначалник пред 5 години, порачав проект за целосна реконструкција и проширување на мостот. Општината го плати проектот, бидејќи тоа е траса од регионално значење која ги поврзува општините Куманово и Петровец. Ние првично разговаравме во Министерството за животна средина со кои работиме на затворање на депонијата Краста, и добивме ветување од тогашниот министер дека ќе се инвестира во мостот, но тоа не се случи. Општината нема капацитет сама да го реши проблемот и затоа аплициравме со два проектот кај европски донатори, за реконструкција на мостот во село Пчиња и за изградба на нов мост во село Довезевце на Крива река, и чекаме одговори“, кажа Димитриевски.
Проблемот со мостот на реката Пчиња е присутен повеќе од 10 години, откако во поплавата во 2013 година е оштетен од надојдените води. Жителите на селото Пчиња и соседните села Вакв, Винце и Длга, се жалат дека им е загрозена безбедноста додека се движат по мостот, бидејќи двата главни столбови се оштетени. Доколку мостот се урне ќе останат без единствената врска кон Куманово и отсечени од училиштето.
Тие кажуваат дека откако мостот е оштетен бараат помош од сите државни и локални институции, но безуспешно. Пред секои избори ги посетуваат политичари од сите партии, но решение за нивниот горлив проблем се уште нема.
Мостот е изграден во седумдесетите години на минатиот век од ЈНА, и оттогаш не е поправан. Паника кај населението предизвика и снимката од Србија на се урива сличен моста како нивниот за време на поплавите.
Предупредувањето дека мостот во селото Пчиња е во опасност од надојдените води, поради што треба да се преземат мерки заштита на граѓаните, испрати Центарот за управување со кризи(ЦУК),минатата недела по обилните врнежи во кумановско.
С. НИКОЛИЌ