ОПШТИНА КУМАНОВО ЌЕ АНГАЖИРА 23 АСИСТЕНТИ ЗА ПОМОШ НА СТАРИТЕ И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ОПШТИНА КУМАНОВО ЌЕ АНГАЖИРА 23 АСИСТЕНТИ ЗА ПОМОШ НА СТАРИТЕ И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТПроектот започнува на 1 септември и ќе трае до 30 јуни 2020, а ќе бидат ангажирани вкупно 23 невработени лица како даватели на услуги и вкупно 76 крајни корисници на услугите. (Фото: СДК.МК)

    Општина Куманово, преку програмата за општокорисна работа ќе ангажира 23 асистенти кои ќе помагаат на лицата со попреченост и со стари и изнемоштени лица во домашни услови. Со учениците со попреченост во совладување на наставната програма во неколку основни и средни училишта и индивидуално ќе работат 16 образовни асистенти, со 44 корисници во двата центри за лица со попреченост ќе работат 4 ментори, а тројца асистенти ќе помагаат на 15 стари и изнемоштени лица во домашни услови во извршување на нивните секојдневни обврски.

    Со корисниците на услугите по 4 часа дневно ќе работат стручни лица, пред сè одделенски наставници, педагози, психолози, дефектолози, социјални работници, ментори за музички и физички активности, физиотерапевти и медицински сестри.

    „Проектот започнува на 1 септември и ќе трае до 30 јуни 2020 година, во кој ќе бидат ангажирани вкупно 23 невработени лица како даватели на услуги и вкупно 76 крајни корисници на услугите. Во зависност од проектната идеја, ангажманот на невработените лица ќе биде во траење од 6 односно 9 месеци. Висината на надоместокот на ангажираните лица на месечно ниво изнесува 9.000 денари, во кои е вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест“, соопшти Општина Куманово.

    Надлежните за спроведување на проектот велат дека минатата година оваа мерка дала извонредни резултати. Првично биле ангажирани 20 лица, но поради интересот Општината финасирала уште 5 асистенти, за да излезе во пресрет на сите заинтересирани.

    „Родителите беа воодушевени од резултатите коишто ги постигнаа нивни деца. Имаше голем напредок во совладување на наставниот процес, како и во процесот на социјализација. Голем дел од родителите побараа од нас проектот да продолжи и оваа година. Веќе се јавуваат и аплицираат. Верувам дека и одѕивот кај старите лица ќе биде поголем, лани беа малку скептични, но се подигна свеста за помош и се стекна довербата дека сакаме искрено да им помогнеме и веќе се интересираат нивни блиски, нивните лекари, за да ги вклучиме во проектот“, вели Тања Стефановска, општински координатор на програмата Општокорисна работа.

    Проект „ Локална прегратка 2“, 80 отсто го финасира државата преку Агенцијата за вработување, а 20 отсто Општина Куманово. Општината ќе обезбеди средства за уште два асистента од сопствениот буџет. Невработените треба да аплицираат во Агенцијата за вработување, а корисниците на услугата во Општина Куманово.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира