ОПШТИНА КУМАНОВО ЌЕ ЈА РЕКОНСТРУИРА СПОРТСКАТА САЛА СОКОЛАНА

    ОПШТИНА КУМАНОВО ЌЕ ЈА РЕКОНСТРУИРА СПОРТСКАТА САЛА СОКОЛАНАСпортската сала Соколана изградена во 1930-тите е симбол на богатиот спортски и забавен живот на Куманово од минатиот век. (Фото: СДК.МК)

    До крајот на месецов ќе започне реконструкцијата на спортската сала Соколана, која е една од најубавите и највредни архитектонски зданија во Куманово, изградена во 1930-тите. Реконструкцијата на објектот следува откако Министерството за транспорт и врски издаде ја дозволата за градба, а Конзерваторскиот центар даде позитивно мислење дека на објектот може да се работи и завршена е тендерската постапка.

    Работите ќе се извршуваат етапно, а за почеток Општина Куманово издвои 130 илјади евра.

    „Ние од буџетот обезбедивме приближно 8 милиони денари. Интервенцијата на овој објект е поделена во 4 фази. Првиот дел е зајакнување на статиката на објектот и санација на поправка на кровот. Во втората фаза е планирано да се работи на фасадата и да се менува столаријата. Во третата фаза е целосно завршување од внатрешноста на објектот и негова адаптација за истите содржини за кои е изградена. Последно е партерното уредување на дворот. До крајот на годината се надеваме дека ќе се завршат половина од работите и веќе следната година ќе размислуваме за другите две фази“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

    Минатата година, Владата одобри 9 милиони денари за реконструкција на салата, но биле повлечени откако не биле потрошени во разумен рок. Градоначалникот очекува државата повторно да издвои средства за таа намена, работите да завршат побрзо, бидејќи Соколана не е само од значење на Општината, туку и за државата.

    Во 2019,  Владата по 20 години ги врати на Куманово комплексот Соколана, Градскиот стадион, стрелиштето и спортската сала, а најави е дека ќе помогне финсиски за нивна реконструкција. Овие објекти беа дадени на стопанисување на приватни фирми во времето на владењето на ВМРО-ДПМНЕ. Сега сите се руинирани и во очајна состојба. Општината најави дека ќе ги обнови и ќе ги стави во функција на граѓаните.

    Спортската сала Соколана е симбол на богатиот спортски и забавен живот на Куманово од минатиот век, и граѓаните со нетрпение очекуваат да и се врати некогашниот сјај.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира