ОПШТИНА КУМАНОВО ПОЧНА ДА ГИ УРИВА ДИВОГРАДБИТЕ НА ЈАВНИ ПОВРШИНИ

    ОПШТИНА КУМАНОВО ПОЧНА ДА ГИ УРИВА ДИВОГРАДБИТЕ НА ЈАВНИ ПОВРШИНИОбјектот на Градскиот плоштад беше користен како продавница, изборен штаб, но најчесто како угостителски објект (Фото: СДК.МК)

    Во Куманово започна акција на уривање дивоизградени објекти во Општината. Денеска се уриваше објект изграден пред 18 години, во зеленилото на Градскиот плоштад, пред Центарот за култура. Објектот беше користен за повеќе намени: продавница, изборен штаб, но најчесто како угостителски објект.

    Општинскиот инспекторат вели дека уривањето уследило откако сопственикот по добиено решение не го отстранил објектот во законски дадениот рок.

    „Во судската постапка е констатирано дека објектот, кој се наоѓа на улица Маршал Тито, не поседува решение за поставување на привремен објект, ниту има дозвола за градба. Се наоѓа на зелена површина и од страна на инспекциските служби се доставени решение за отстранување во законски рок и решение за административно извршување и бидејќи не е постапено по решенијата, се пристапи кон уривање“, соопштуваат од Инспекторатот.

    Сопственикот на објектот во 2016 година повел постапка за негова легализација, што му е одбиено од Општина Куманово. Но, тој тврди дека поседува уредна документација од пред 20 години, добиена од Министерството за транспорт и врски, тогашниот градоначалник и од Советот на Општина Куманово за уредување на градежно земјиште и поставување на времен објект и урбана опрема.

    Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека акцијата на уривање дивоизградени објекти започнала во февруари, а ќе продолжи и во наредниот период.

    „Првата интервенција е направена во Дива Населба, кадешто е урнат дивоизграден ѕид во подрачјето на автопатот, кој претставуваше опасност за граѓаните. Потоа, на барање на Општината, неколку сопственици сами ги отстранија објектите од времен карактер кои немаа регулиран статус. Минатата недела отстранета е летната бавча на ресторанот ‘Милано‘ во центарот на градот, како и уште една на истиот локалитет. Акцијата продолжува денеска на новиот плоштад“, изјави Димитриевски.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира