Општина Охрид доби поддршка за сите 10 проекти со кои аплицираше на јавниот повик за финанасирање на инфраструктурни проекти на Владата.
„Со реализацијата на овие проекти ќе се подобри животот на граѓаните, без разлика дали станува збор за реконструкција или изградба на локални патишта или, пак, за водоводи и канализации. На територијата на Општина Охрид има патишта во села кои не се чепнати“, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Проектите се однесуваат на реконструкција на улици во селата Пештани, Подмоље и Долно Лекочереј, реконструкција на водоводна линија на улица Кленоец, реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид и на реконструкција на локален пат од крстосницата за село Рамне до црквата „Свети Атанасиј“. Одобрен е и проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“, реконструкција на атмосферската и фекалната канализациона мрежа на дел од улица Кленоец, реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“ и проект за рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.
Пецаков најави и реализирање на други проекти во наредните четири години, а најголем успех на локалната самоуправа, според него, е одблокирањето на Општината.
„Тоа за нас е од историско значење, нешто за што се разговараше изминативе 30 години, а сега заедно со мојот тим го реализиравме. Тоа секако ни даде и слобода во поглед на користењето на нашите средства за инфраструктурни проекти. Ако минатата година со добар дел од парите кои ги пренесовме ја раздолживме општината, оваа година до овој момент имаме 1,5 милиони евра повеќе. Проекцијата е дека до крајот на годината, доколку е ваков приходот на месечно ниво, ние би имале три до 3,5 милиони евра пренесено салдо во наредната година“, вели Пецаков.
Според него, во следните 12 месеци ќе отпочнат проекти за кои се разговарало изминатите години, како катна гаража, пречистителна станица во Трпејца, изградба на ново училиште, градинка и други. Најголемиот проект е новото водоснабдување на Охрид од Плакенска Планина, за кој се потребни осум милиони евра. Тој ќе го снабдува градот на територија од 60 проценти по гравитациски пат, без пумпи и без трошење електрична енергија. Првата фаза од овој проект ќе почне во февруари следната година со тендерската постапка, а според Пецаков, реализацијата би била не повеќе од три години.
С. ВРЕНЦОВСКА