Општина Охрид од денеска почна со градежни работи за уредување на крајбрежјето на Езерото каде што беа урнати шанкови, платформи и монтажни објекти. Екипи на општинските јавни претпријатија работат на потегот од плажата „Горица 3“ до „Аквалина“.
„Оваа недела ќе се врши расчистување на теренот, подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал со кој било вршено насипување на крајбрежјето. До сега се подигнати преку 1.000 метри кубни градежен шут. Потоа ќе се врши насипување и уредување на плажата со речна песок, која што е дозволена согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион“, велат од Општина Охрид.
Од Општината апелираат до сите сопственици на објекти на крајбрежниот појас од населбата „Свети Стефан“ до потегот на крајбрежјето кај „Градиште“, како и потегот на крајбрежјето во делот на населбата „Канео“ и во делот на населбата „Далјан“, кои нелегално поставиле урбана опрема и платформи, а на кои им беше даден рок самите да ги отстранат нелегалните градби, оваа седмица да пристапат кон отстранување на истите.
Процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби од крајбрежниот појас на Охридското Езеро ќе трае до целосно расчистување на крајбрежјето.