Струмица последниве денови бележи високи концентрации на ПМ 10 честички. Средните вредности за изминатава недела, согласно мерната станица на министерството за животна средина достигнаа и до 400-500 микрограми на кубен метар.
Најголемите пикови се бележат во попладневните и во ноќните часови кога мерната станица мери и до 700 микрограми ПМ 10 честички на кубен метар што e над 10 пати повеќе од дозволената граница. Струмичани веќе отворено реагираат и бараат конкретни мерки за справување со аерозагадувањето посебно во ноќните часови.
„Не се дише.Човек не може да излезе на прошетка. Едноставно нешто во воздухот смрди. Треба да се лоцираат загадувачите“, коментираат струмичани кои од општината барат конкретни мерки.
Општина Струмица излезе со препораки за ограничено движење на најранливите категории граѓани и да се ослободат од работни обврски, да се прилагоди работењето на отворено, да не се гори пилевина од иверици и други отпадни материјали како огревно дрво, како и привремено ограничување на емисиите од инсталациите со А и Б интегрирани дозволи и помалите стопански капацитети.
Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов тврди дека најголеми загадувачи се домакинствата кои користат огревно дрво, но и оние физички и правни лица кои користат несоодветни материјали за загревање. Тој апелираше до струмичани место на огревно дрво да се префрлат на гасоводната мрежа. Како општина воведуваат субвенции за негово користење.
„Како општина формиравме посебно тело кое ќе ги мапира сите загадувачи во општината. Свесни сме дека најголемото загадување доаѓа во попладневните и вечерните часови кога се палат печките на домаќинствата и се користи несоодветно огревно дрво или пак користат масла, пилевина, лакови за загревање. Мој апел е струмичани да се ориентираат кон гасот. Воведуваме субвенции од 10 денари за потрошен кубен метар гас на цената како една мерка со која ќе го ублажиме последиците од енергетската криза но и да се намали аерозагадувањето во општината кое не може да се реши преку ноќ. Во буџетот за идната година за таа намена ни се планирани 3 милиони денари“, вели градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.
Во Струмица на гас се греат околу 400 физички и правни лица. А изградена е секундарна гасоводна мрежа од 40 километри . Приклучокот на гасоводната мрежа во Струмица за домаќинства со вградување на мерно регулационен сет се движи од 600 до 800 евра во зависност од објектот. Општина Струмица неколку години наназад издвојуваше субвенции од 100 евра за приклучување на мрежата, но сега одлучи да ја субвенционира цената на гасот со 10 денари за потрошен кубен метар.
В. ТРАЈКОВ