На Тетово за два дена му се случија две големи катастрофи, првин градот го зафати силно невреме со голема поплава, а утредента голем пожар од досега невидени размери за градот. Тоа беше повод вчеравечер да заседава Кризниот штаб на Општината кој донесе повеќе одлуки и барања поврзани со моменталната ситуација во градот.
„Бараме проширување на капацитетот на Противпожарната единица и по бројот на вработени, како и со потребните средства што ги има, бидејќи тие се недоволни за покривање на територијата на 5-те околни општини, а Владата да ја снабди Единицата со потребните средства, со цел во вакви случаи тие да бидат поефикасни и попродуктивни. Бараме Владата да помогне со механизација за чистење (миење) на патишта како и средства за дезинфекција на истите и на објектите оштетени од поплавите во Тетово. Владата да помогне за парично обештетување по проценка на штетите предизвикани на физички лица како и на училишни згради и јавна инфраструктура од лошото време што го зафати тетовскиот регион“, соопшти Кризниот штаб на Општина Тетово.
Покрај ова, Кризниот штаб побара да се ангажира Општинскиот инспекторат во Тетово да подготви извештај за сите индустриски капацитети, во која категорија припаѓаат (какви елаборати поседуваат) и каде го одлагаат индустрискиот отпад, додека од Министерството за животна средина и просторно планирање е побарано да провери и да утврди дали е функционален апаратот за мерење на квалитетот на воздухот во Тетово, бидејќи имаше сознанија дека овој апарат неколку денови не работел како и на денот кога беше пожарот во Тетово.
З. АНДОНОВ