ОПШТИНА ТЕТОВО Ѝ ДОНИРАШЕ НА ИВЗ 23.000 ЕВРА ЗА ДА Ѝ ГИ ПОКРИЕ ТРОШОЦИТЕ ЗА ДАНОКОТ НА ПРОМЕТ

    ОПШТИНА ТЕТОВО Ѝ ДОНИРАШЕ НА ИВЗ 23.000 ЕВРА ЗА ДА Ѝ ГИ ПОКРИЕ ТРОШОЦИТЕ ЗА ДАНОКОТ НА ПРОМЕТИако ИВЗ купила дел од „Арабати Баба Теќе“, за овој културно-историски објект таа води спор со Бектешката заедница на Македонија

    Општина Тетово ѝ донираше на Исламската верска заедница (ИВЗ) 1.444.484 денари (над 23.000 евра), износ што го дала како данок на промет откако откупи дел од комплексот „Арабати Баба Теќе“ во Тетово.

    Имајќи го предвид фактот дека износот за откуп на делови од комплексот ‘Арабати‘ од компанијата ‘Тетекс‘ е висок, што резултираше со плаќање на значителни даночни износи кон вашата институција, Муфтиството на ИВЗ Тетово бара од вас да овозможите поврат на данокот на промет, платен при купопродажбата на овој верски споменик“, се вели во барањето кое ИВЗ го испратила до Општина Тетово, заедно со потврда за платениот данок.

    Ваквото барање на ИВЗ предизвика голема дискусија на последната седница на Советот на Општина Тетово. Од страна на дел од опозицијата се посочуваше дека се прави преседан, кој во иднина може да предизвика секоја верска заедница да бара пари од општината за некои свои потреби. Советникот од Левица даде предлог сите советници да се откажат од месечниот паушал што го земаат, а градоначалникот од својата месечна плата и тие средства да ѝ се дадат на ИВЗ за покривање на овие трошоци, но овој предлог не помина. Исто така, опозицијата посочуваше дека ваквиот начин на доделување финансиски средства за поврат на данок нема законска основа. Сепак, и покрај бројните укажувања, одлуката на ИВЗ да ѝ се даде бараната сума беше прифатена од мнозинството во Советот.

    Во февруари оваа година, ИВЗ покажа имотен лист за „Арабати Баба Теќе“, на кој можеше да се забележи дека правниот основ за запишување во Агенцијата за катастар е купопродажен договор, заверен на нотар на 10 февруари 2026. Тогаш не беше објавено од кого било купено теќето, а сега се виде дека комбинатот „Тетекс“ е тој што го продал објектот.

    До конфликтот во 2001, со „Арабати Баба Теќе“ управуваше текстилниот комбинат „Тетекс“, а овој угостителски објект беше еден од најдобрите и најпознати во Македонија. Во рамките на комплексот „Арабати Баба Теќе“ до 2001 се наоѓаше и Музејот на тетовскиот крај, кој беше исфрлени од своите простории.

    Иако ИВЗ купила дел од „Арабати Баба Теќе“, за овој културно-историски објект таа води спор со Бектешката заедница на Македонија. Бектешите велат дека овој објект, изграден уште во 1538 година, е нивни и е узурпиран од ИВЗ. Тие сега користат само еден, сосема мал дел од комплексот.

    ИВЗ влезе во „Арабати Баба Теќе“ веднаш по завршувањето на конфликтот од 2001 година.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира