Жители на Тетово алармираат до надлежните институции да преземат мерки против граѓани кои дозволуваат коњи и крави да шетаат по тетовските улици. Добитокот во неколку наврати е забележан на улиците во реонот на стариот градски стадион и е потенцијална опасност од сообраќајни несреќи.
„Неколку дена се движат овие животни во овој дел од градот. Не знаеме чии се, од каде се и каде одат. Предупредуваме дека нивното неконтролирано движење претставува опасност пред сè за сообраќајот, бидејќи малку треба да дојде до судир со нив или ако некое возило сака да ги избегне може да удри во друго возило, па и во пешаци. Кравите и коњите навлегуваат во дворовите и прават штета. Во потрага по храна растураат и оставен отпад покрај контејнерите“, велат тамошните жители.
Засега од Општина Тетово нема информации што ќе преземат против сопствениците на добитокот, а не интервенираат и инспекциските служби за да утврдат кој чува крупен добиток во градска средина.
З. АНДОНОВ



