Во јуни оваа година, Општина Тетово на повеќе локации во градот каде има поставено гаражи за автомобили постави соопштение со кое им се наредува на корисниците на гаражите да ги отстранат, а ако тоа не го направат, отстранувањето ќе го изврши Општината и ќе им наплати за демолирањето. На просторот на гаражите Општината сака да направи паркинг места и да им наплаќа на станарите и на сите кои тука ќе се паркираат.
Ова предизвика голем револт кај тетовци, посебно кај оние кои уште од порано имаат добиено од Општината одобрение за поставување гаража, а дел имаат добиено и имотен лист за објектот. За голем дел од нив докажувањето на сопственоста со Општината сè уште трае.
Еден дел од граѓаните, кои немаат вакви документи за сопственост, за да не ѝ плаќаат на Општината самите ги срушија гаражите, но сега наместо Општината да го расчисти тој простор, тука се создаваат депонии во кои отпадот го фрла кој што ќе стигне. Такво едно место е на улицата 114 кај зградите познати под името „Чешел“ кои се во самиот центар на градот.
„Градоначалникот на Тетово, кого ние го гласавме, и му го дадовме гласови за подобро Тетово, сега дојде со цел да ни ги руши гаражите за да прави паркинг и да си стопанисува. Меѓутоа, тука има проблем. Ние станарите од вториот влез од број 7, имаме приватизирано околу 1.500 м2 земјиште, и тој тука не може да прави паркинг. Не може да прави паркинг на туѓо земјиште. Освен ова, ние бараме да се расчисти ова ѓубре. Ги натера луѓето да си ги срушат гаражите, но сега го остави ова ѓубре. Со недели овде се фрла ѓубре, а никој од Општината не доаѓа да го исчисти. Идат изборите нека му ја мисли, дали ќе добие овде глас“, вели Јонус Даути, станар во зградата „Чешел 2“.
Неговите соседи, со кои го делат дворот, имаат проблем што уште не можат да извршат приватизација на дворот па морале самите да си ги отстранат гаражите. Но, сега наместо чист простор добиле депонија за смет.
„Ние од нашата зграда сè уште не можеме да го приватизираме дворот. Заглавена ни е работата во Општината. Побараа од нас да се отстранат гаражите во дворот во рок од 7 дена. Дел од гаражите се отстранети, но сега на нивно место се фрла ѓубре и се направи депонија. Со автомобили доаѓаат и тука со вреќи фрлаат отпадоци. Да, и нам ни треба паркинг но тоа треба да се регулира, вака од туѓи возила ние не можеме да најдеме место за паркинг на нашите автомобили“, вели Горан Николоски, станар во соседната зграда.
На 12 август, преку електронска пошта, до Општина Тетово испративме прашања за тоа како и кога ќе се надмине состојбата во овој дел од градот, но одговор не добивме.
З. АНДОНОВ