ОПШТИНА ТЕТОВО ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ЗА 2025, КАСАМИ СЕГА ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДА СЕ ДАДАТ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ ЗА НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА АЛБАНСКА АКАДЕМИЈА

    ОПШТИНА ТЕТОВО ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ЗА 2025, КАСАМИ СЕГА ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДА СЕ ДАДАТ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ ЗА НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА АЛБАНСКА АКАДЕМИЈАШто се однесува за Албанската академија, сигурно дека ние како Општина Тетово, согласно нашите преземени обврски ќе стоиме на тоа, а ќе бидеме понатаму во договор со нив како ќе се реализира, рече Касами. (Фото: СДК.МК)

    Советниците на Општина Тетово на денешната седница го усвоија буџетот за 2025 година. Во експозето, градоначалникот Касами рече дека буџетот изнесува 48,5 милиони евра, дека е  развоен и дека значителни средства ќе одат на капитални инвестиции. Сега, тој уверува дека финансирањето на невладината организација Академија на Албанците нема да оди од буџетот, туку за таа намена ќе се изнајдат средства од други извори.

    „Што се однесува за Албанската академија, сигурно дека ние како Општина Тетово, согласно нашите преземени обврски ќе стоиме на тоа, а ќе бидеме понатаму во договор со нив како ќе се реализира. Значи, не е тоа прашање на буџетот кој беше усвоен денеска.  Реков, значи, дека тоа е прашање на поддршка која ние веќе сме се одговориле и ќе видиме како ќе се реализира“, изјави Касами.

    Дека од општинскиот буџет ќе се издвојат и 40.000 евра за работа на Академијата на Албанците, Касами изјави на последната јавна дебата за буџетот на Општината за 2025 одржана минатата недела со претставници на невладините организации во Тетово.

    Наспроти ова, од советничката група на СДСМ велат дека градоначалникот Касами сака да ја протурка оваа одлука со која се создаваат паралелни институции во државата.

    „На денешната седница на Советот на Општина Тетово градоначалникот Касами, коалициски партнер на ДПМНЕ, сака да протурка одлука за одвојување 40.000 евра за формирање на паралелна институција таканаречена Албанска Академија на науките. Советниците од СДСМ Тетово категорично се против одвојување пари на граѓаните на Тетово за формирање на паралелни институции кои наместо да служат за интересите на граѓаните, поттикнуваат поделби и создаваат тензи. Науката ниту треба да се партизира ниту да се етнизира и злоупотребува во дневно политички цели и потреби како што тоа сака да се направи“, вели Глигорие Стојановски, советник од редовите на СДСМ.

    На состанокот во октомври 2025, градоначалниците на Општините Тетово, Гостивар, Желино и Чаир се договорија да ја финансираат Академијата за наука и уметност на Албанците во Македонија додека таа не добие државна поддршка. На состанокот, кој се одржа во зградата на Општина Тетово, присуствуваа и претставници од Здружението за наука и уметност – Тетово кое сака да прерасне во Академија како и претседавачите на Советите од овие 4 Општини. Формирањето на Академија на Албанците има поддршка од коалицијата „Вреди“, а градоначалникот Билал Касами тогаш рече дека ќе продолжат разговорите со сите партии и институции до конечно решение.

    И од ВМРО-ДПМНЕ, која е коалиционен партнер на БЕСА, односно на градоначалникот Касами, веруваат дека од буџетот нема да се одвојат пари за работа на Академијата на Албанците, но сепак не го дадоа својот глас кога се гласаше за Годишната програма од областа културата на Општина Тетово, барајќи рекоа дека таа требало да биде поконкретна.

    „По подетална анализа на буџетот и програмите констатиравме дека такви средства не се предвидени во буџетот и затоа дадовме поддршка на буџетот, но видовте и дека сите советници го поддржаа буџетот за 2025 година.  Програмата за културата не ја гласавме, затоа што видовме дека таму се предвидени 13 милиони денари односно 215.000 евра, но проектите се општи.  Сакаме, значи, да се почитува соодветната и правична застапеност на проектите во Општина Тетово. Не сметаме дека од овој буџет може да се издвои за Албанската Академија“, вели Ангел Карапетров, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира