ОПШТИНА ТЕТОВО ЌЕ ИЗДВОИ НАД ЧЕТИРИ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ДА ГИ ПОКРИЕ ЗАГУБИТЕ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

    ОПШТИНА ТЕТОВО ЌЕ ИЗДВОИ НАД ЧЕТИРИ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ДА ГИ ПОКРИЕ ЗАГУБИТЕ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗГрадските власти велат дека загубите се должат на тоа што цената на билетот е само 20 денари (Фото: СДК.МК)

    Петте автобуси од јавниот превоз во Општина Тетово минатата година направиле загуба од над четири милиони денари. Поради ова, ЈП „Тетово транспорт“ поднесе барање до Советот на Општина Тетово за субвенционирање на загубите, што беше усвоено на последната седница.

    „Сумата која е потребна за покривање на сите трошоци и долгови поврзани со реализацијата на јавната сообраќајна дејност во градот изнесува 4.219.936 денари“, стои во барањето на „Тетово транспорт“.

    Советот позитивно одлучи по ова барање и од буџетот за оваа година ќе бидат издвоени бараните средства.

    „‘Тетово транспорт‘ минатата година имаше негативно салдо од над четири милиони денари. Донесовме одлука да му дадеме онолку пари колку што му недостасуваат. Ја знаеме и причината зошто ЈП направило толку големи загуби во работењето. Тоа е поради цената на автобускиот билет, која сега изнесува само 20 денари. За ЈП да работи со позитива, цената на еден билет би требала да изнесува 100 денари. Знаеме дека е нелогично да ја ставиме таа цена и дека таа е неприфатлива за граѓаните. Во февруари ќе направиме предлог-програма со која ќе бидат предвидени субвенции кои ќе ги дава општината по еден извозен километар“, изјави претседавачот на Советот на Општина Тетово, Бесар Дурмиши.

    Јавното претпријатие за јавен градски автобуски превоз се формираше и почна да работи пред самиот крај на мандатот на градоначалничката Арифи. Кога управувањето со градот го презеде Билал Касами, еден период го укина градскиот превоз со образложение дена во ЈП треба да се направи реорганизација. Откако јавниот превоз лани повторно беше пуштен во употреба, тој редовно функционира, но поради високите трошоци и малиот број патници, претпријатието направи големи финансиски загуби.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира