Долга и жестока расправа се водеше денеска во Советот на Општина Тетово по предлог програмата за измена и дополнување на програмата за работа во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на државата на подрачјето на Општина Тетово. Иако опозицијата бараше точката од дневниот ред да се повлече таа сепак беше изгласана од мнозинството во Советот.
Во расправата опозицијата и независните советници ја обвинуваа власта дека е недозволиво атрактивно градежно земјиште да се продава по цена од 1 евро за метар квадратен кога пазарната цена на земјиштето во Тетово се движи помеѓу 200 и 300 евра за метар квадратен, додека од мнозинството аргументираа дека тој ценовник е донесен во 2016 година кога сегашната опозиција била на власт.
„Денеска расправаме за менаџирање со градежното земјиште на Општина Тетово, односно за парцелите кои се ставаат во програма за продавање. Тоа не значи дека ќе се продаваат но, Програмата овозможува со јавно наддавање да се врши продажба. Тие парцели, кои се во строгиот центар на градот се продаваат од 12 евра до 50 евра м2 што е крајно ниска цена ако се знае дека пазарната цена се движи од 200-300 евра за м2. Во село Сараќино се продава 38.000 м2 земјиште по цена од 1 евро за м2 и Општината ќе земе само 38.000 евра, а таму се предвидува да се изгради елитна населба која ќе чини илјадници евра, слична е состојбата и со земјиштето во Мала Речица. Власта вели дека овие парцели се ставаат во програма за продажба за да се оневозможи нивно узурпирање. Но, веќе има ваква парцела која е узурпирана, а денес Општина Тетово ќе ја легализира. Грешката што е направена пред повеќе години со овој ценовник на земјиштето треба да се среди за да може државното земјиште да се продава по пазарна цена“, вели Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“.
Опозицијата по изгласувањето на точката излезе пред говорницата со повеќе транспаренти на кои му порачуваа на градоначалникот Касами да не го продава Тетово.
Од Општина Тетово само кратко соопштуваат дека градежното земјиште нема да се продава по цена од 1 евро за м2, сметајќи на тоа дека земјиштето ќе оди на лицитација. Исто така беше предложено за наредната седница на Советот да се донесе одлука за формирање Комисија која ќе врши надзорна продажбата на градежното земјиште во Општина Тетово.
Минатата година Општина Тетово продаде атрактивно земјиште кај Монополот во Тетово по цена од 1 евро за м2 и зеде само 7.000 евра. Сега на пој простор инвеститор гради три огромни згради со неколку стотина станови.
З.АНДОНОВ



