Општина Тетово деновиве склучила договор со фирма од Желино за изградба на монтажен паркинг, кој ќе биде лоциран во урбаниот блок 37 во центарот на градот. Објектот треба да се гради на местото на веќе постоечкиот паркинг на улиците Јане Сандански и Маршал Тито. Но, дел од станарите не се согласуваат со ваквото решение, за кое велат дека ги прекршува законите за градба и за животна средина.
„Доставивме претставка со која укажуваме дека со предвидената изградба на монтажен паркинг на местото на постоечкиот паркинг се прекршуваат членовите 3, 8, 10, 13, 43, 71 и 135 од Законот за градба, како и членовите 22, 22-а, 22-б, 23, 26, 26-а и 28 од Законот за животна средина. Оваа единствена локација во централното градско подрачје може да се искористи за изградба на парк, а паркирањето може да се реши со изградба на подземен паркинг. Изградбата на монтажна гаража може да предизвика зголемување на пулмолошки болести кај најмладата популација, како и сѐ позачестени канцерогени заболувања поради затворениот простор и непостоење на ниеден парк со зеленило во централното градско подрачје“, се наведува во претставката.
Жителите на овој урбан блок велат дека им е преку глава од бетонизирање на животната средина и дека нивните деца немаат ни метар слободен простор каде можат да се играат. Затоа сметаат дека решението што тие го предлагаат е многу подобро.
Во склучениот договор за градба, објавен на интернет страницата на електронскиот систем за јавни набавки, стои дека монтажната гаража ќе биде со вредност од 824.000 евра.
З. АНДОНОВ