По барање на советничката група „Шанса за Центар“ Општина Центар ќе побара Државниот инспектрат за урбанизам и градежништво да изврши вонреден инспекциски надзор на Деталниот урбанистички план Ј07 за Водно и Капиштец. Барањето на „Шанса за Центар“ доаѓа во име на жителите на улиците Питу Гули, Козара и Салвадор Аљенде, откако пред неколку дена приватната фирма „Маркеза“ почна да оградува просторот среде шума за да гради куќа откако добила дозвола за градба од минатото раководство на Општината.
До плацот каде што ќе се гради нема пристапен пат, па жителите стравуваат дека ова е почетокот за целосна урбанизација на овој дел од Водно и отворање пат до парцели на семејството Камчеви и Груевски за кои се води судска постапка.
„Под итно мора да се запрат градежните работи и сеча на шумата на Водно. Бидејќи Општината не најде начин да се справи со овој проблем, бараме надзор од Државниот инспекторат кој може да донесе одлука за неспроведување на планот Реализацијата на овој план овозможува корист на малкумина, а штета на повеќемина“, рекоа од „Шанска за Центар“.
Предлогот веше прифатен со 20 гласови „за“ односно за вонреден инспекциски надзор гласаа сите советнички групи, на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Градоначалникот Горан Герасимовски е задолжен до 15 јануари да поднесе извештај до советниците.
Општина Центар по барање на граѓаните во вторникот изврши инспекцискиот надзор на спорната локации и, како што соопшти, утврдено е дека инвеститорот „Маркеза“ ДООЕЛ поднел барање за издавање дозвола за градење на 17.12.2020. Градежната дозвола му е издадена на 7.4.2021, а станала правосилна на 8.6.2021, потпишана од поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
„По извршениот увид од страна на овластен градежен инспектор, постапувајќи по Законот за инспекции, утврдено е дека инвеститорот, Маркеза ДООЕЛ не врши градежни дејствија, туку се работи за оградување на плацот, кој е во негова приватна сопственост“, соопштија од Општина Центар на 28 декември.
А. АНТЕВСКА