ОПШТИНА ЦЕНТАР ГИ КАЗНИ КАФЕАНЏИИТЕ КОИ НА ДИВО ПОСТАВИЈА МАСИ НА ШЕТАЛИШТЕТО НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ГИ КАЗНИ КАФЕАНЏИИТЕ КОИ НА ДИВО ПОСТАВИЈА МАСИ НА ШЕТАЛИШТЕТО НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕКазнети се „Дион“, „Карпе дием“, „Соул кичен“, „Бела виста“ и “Торос“. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар ги казни кафеанџиите од Кејот 13 Ноември во Скопје кои во саботата на диво ги извадија масите и столиците и ги распослаа низ шеталиштето. Како што велат од Општина Центар, викендов е излезено на терен и изречени се казни на пет угостителски објекти. Казнети се „Дион“, „Карпе дием“, „Соул кичен“, „Бела виста“ и „Торос“.

    Нема да дозволиме кејот повторно да биде узурпиран. Во саботата вечер инспектори излегоа на терен и издадоа прекршочни платни налози на пет угостители. Казната е од 1.000-1.500 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице. Ќе ја пратиме ситуацијата, ако повторно ги извадат масите ќе добијат нови казни“, велат од Општина Центар.

    Откако кејот беше реновиран пред три години во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, кафеанџиите добија дозвола да имаат тераси само пред објектите. Беше точно обележано до каде можат да се простираат и добија плус 3,5 метри од јавниот простор. Но, сега газдите не се задоволни од добиениот простор и сакаат да имаат маси и столици низ плочникот, па на диво ги поставија во договорена акција на сите угостители. Масите беа поставени помеѓу клупите за пешаци со што всушност им се блокира пристапот на сите пешаци што сакаат да седнат да одморат, а притоа да не мора да седат во кафеана.

    Кафеанџиите кога го добија просторот за тераси пред објектите го затворија со стакло, па наместо тераси станаа затворени објекти за да може да се пуши во нив. Сега сакаат да имаат маси и на отворено бидејќи терасите им се заградени, а гостите сакаат да седат надвор.

    До реновирањето во 2021 на кејот владееше хаос, целиот беше блокиран од тераси кои беа заградени и претворени во пушални и објекти, не само пред влезот, туку и среде кејот. Насекаде имаше паркирано коли, искршен беше плочникот, а клупите демолирани.

    САКАМДАКАЖАМ.МК со години пишуваше за овој проблем, по што во време на Шилегов кејот се среди и сè досега функционираше како шеталиште без коли.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира