Не постоеле докази за кривичните пријави во 2015 година, а Општина Центар не доставила ни дополнителна документација за случајот со продажбата на државното земјиште“, велат од Јавното обвинителството за случајот за изградба на катната гаража кај „Авто Македонија“.
Од Обвинителството велат дека јавниот обвинител, согласно Законот за кривична постапка, презедел голем број дејствија за да се направат неопходните проверки врз основа на релевантни писмени и вербални докази. Предметот сѐ уште е во фаза на предистражна постапка и не е донесена јавнообвинителска одлука.
„До Основното јавно обвинителство Скопје, од страна на двајца подносители – физички лица, во март 2015 година беше поднесена кривична пријава против четири лица, а во септември 2016 година беше поднесено и проширување на пријавата против уште едно лице за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Наведените кривични пријави се однесуваат на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како оттуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата ‘Никофон’, по пат на електронско јавно наддавање. Кривичната пријава беше поднесена без да биде приложен ниту еден доказ за да бидат поткрепени наводите“, се вели во одговорот на Обвинителството откако градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ ги повика да постапат по кривичните пријави и да донесат времена мерка за било каква активности на парцелата.
Надлежниот јавен обвинител во текот на истражната постапка на записник го задолжил претставникот на Општина Центар да достави документација за поткрепа на главниот навод во пријавата – дали се преземени мерки по истекот на договорниот рок од издавањето на одобрението за градба. Претставникот на Општината доставил делумно појаснување и презел обврска да го извести Обвинителството откако конечно ќе заврши постапката по одобрението за градба која тогаш била во тек. Но, такво известување од Општина до овој момент не е доставено до Обвинителството.
„Во септември годинава Обвинителството, на нивно барање, прими двајца претставници на Општина Центар и ги запозна со текот на предметот и со преземените и неисполнети обврски на испитаниот претставник на општината. Во разговорот со нив, предмет на интерес на јавниот обвинител беше дали општината ги презела правните механизми кои и стојат на располагање пред надлежните судови доколку сметале дека не се испочитувани договорните обврски и дали за тоа го известиле Државното правобранителство. Претставниците на општината наведоа дека такви сознанија немаат во моментот, а дополнително до Обвинителството доставија единствено Правилник за определување на цената на градежното земјиште. Со ова тие не постапија по повторното задолжување од страна на јавниот обвинител да ја достават релевантната документација за текот на мерките и дејствијата што ги презела општината во рамките на својата надлежност за заштита на интересот на граѓаните“, велат од Обвинителството.
А. АНТЕВСКА