ОБВИНИТЕЛСТВОТО 4 ГОДИНИ МОЛЧИ, ОД УТРЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА ОД ПРОЕКТОТ „СКОПЈЕ 2014“ КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО 4 ГОДИНИ МОЛЧИ, ОД УТРЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА ОД ПРОЕКТОТ „СКОПЈЕ 2014“ КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“За овој случај, уште во 2015 е поднесена кривична пријава за начинот на кој е формирана цената по која е продадено државното земјиште во време кога министер беше Миле Јанакиески, а годинава Општина Центар поднесува пријава и за злоупотреба на службена дејност за начинот на продажба на парцелата. Обвинителството досега нема отворено истрага. (Фото: К. Попов)

    Фирмата „Никофон“ од утре може да почне да ја гради барокната катна гаража на 8 ката кај „Авто Македонија“ во центарот на Скопје, која беше предвидена како дел од проектот на Владата на Никола Груевски „Скопје 2014“.

    Со извршно решение, „Никофон“ утре го презема во владение просторот кој сега се користи како паркинг ЈП „Паркинзи Општина Центар“ и може да почне постапка за градење, бидејќи дозволата за градба му е издадена во 2014 година.

    За овој случај, уште во 2015година е поднесена кривична пријава за начинот на кој е формирана цената по која е продадено земјиштето, а годинава Општина Центар поднесува пријава и за злоупотреба на службена дејност за начинот на продажба на парцелата. Но, Обвинителството досега нема отворено истрага, што остава можност од утре да се почне постапка за оградување на просторот и градење.

    Овој простор е единствената слободна површина која беше спасена од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“. Парцелата беше продадена од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Миле Јанакиески во 2013 година, а договорот со „Никофон“ беше склучен во септември 2013.

    Претходно, Општина Центар во времето кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ со измена на Деталниот урбанистички план за овој дел, нацрта маркичка за барокна катна гаража со деловен простор, со приземје и 8 ката. Градежната дозвола „Никофон“ ја доби на 31 март 2014 година, а стана правосилна на 16 јуни 2014. Но бидејќи тој простор е државно земјиште, неколку години пред да биде вцртана маркичка за катна гаража, бил даден во владение на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ заради формирање организирано паркирање. Со цел да се спречи изградба на зградата, „Паркинзи Центар“ не го отстапува просторот повикувајќи се на одлуката за владение, по што инвеститорот поднел тужба и почнал судскиот процес. „Никофон“ добива судска пресуда дека тој е сопственик на парцелата и утре со извршно решение ќе го преземе паркингот.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека од утре на паркингот веќе може да почне градбата на барокната гаража против која граѓаните организираа протести, а за тоа го обвинува Обвинителството оти не отворило постапки по кривичните пријави уште од 2015 година.

    „Добивме известување дека утре со извршно решение ќе се преземе просторот. Со тоа може да почне со постапката за градење на катната гаража. Доколку Обвинителството отвореше постапка за овој случај, за кој е поднесена кривична пријава уште во 2015 година, можеше да се донесе времена мерка за стопирање на сите активности и немаше да се доведеме во оваа ситуација. А, со утврдување на вина по кривичната пријава, ние ќе можевме да го раскинеме договорот. Кривичната пријава е поднесена за начинот на кој е формирана почетната цена на јавното наддавање, која била спуштена на 1.800 денари, со што е оштетен буџетот. Ние дополнително како Општина поднесовме докази и материјали за злоупотреба на службена должност и поради начинот на кој се менувал Правилникот за градба со цел да се овозможи градба на ваков објект во тој дел“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот Богдановиќ.

    За просторот кај „Авто Македонија“ граѓаните организираа протести, не му дозволуваа на сопственикот да го загради просторот и бараа од тогашниот нов градоначалник Андреј Жерновски кој ја презема функцијата од Владимир Тодоровиќ, да не дозволи градење.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира