ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОЧНА ДА ИЗДАВА ДОЗВОЛИ ЗА ЛЕТНИ ТЕРАСИ, КОМИСИЈА ЌЕ КОНТРОЛИЛА ДАЛИ СЕ ОКУПИРААТ ТРОТОАРИТЕ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОЧНА ДА ИЗДАВА ДОЗВОЛИ ЗА ЛЕТНИ ТЕРАСИ, КОМИСИЈА ЌЕ КОНТРОЛИЛА ДАЛИ СЕ ОКУПИРААТ ТРОТОАРИТЕОд Општината велат дека сега многу полесно ќе може да се контролираат кафеаџиите бидејќи Општината ќе знае за што дала дозвола и нема да може да окупираат цели тротоари со маси и столици. (Фото: СДК.МК)

    Општина Центар почна да издава дозволи за поставување летни тераси на јавна површина. Летово, Општината ги презеде од Град Скопје во своја надлежност ингеренциите за издавање одобренија за поставување урбана опрема и вршење дејност надвор од деловен простор за Дебар Маало, Капиштец и Градски парк, додека дозволите за Кеј 13 Ноември и понатаму ќе ги дава Градот.

    Како што велат од Општината, сега многу полесно ќе може да се контролираат кафеаџиите бидејќи Општината ќе знае за што дала дозвола и нема да може да окупираат цели тротоари со маси и столици, а пешаците да немаат место за движење.

    „Досега до Општината се пристигнати 31 барање за поставување урбана опрема, постапено е по 29 од барањата, а 13 од нив се веќе подигнати од правните субјекти. Програмата на Општина Центар за поставување урбана опрема има за цел да постави нови стандарди во планирањето на урбаната опрема, уредувањето и хуманизацијата на јавниот простор. Дополнително, формирана е и стручна комисија за изработка на извештаи од увид на лице место, која има за цел да врши проверки дали прикажаното во елаборатот соодветствува со условите на местото каде е поставена урбаната опрема“, велат од Општина Центар.

    Општината ќе има право да кажува и одредува каде е дозволено, а каде не е дозволено да се поставува урбана опрема. Газдите на локалите за да имаат тераса пред локалот ќе треба да имаат дозвола од 50 отсто од станарите на зградата. На површината каде ќе се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира