ОПШТИНА ЦЕНТАР УКИНА ДЕТАЛЕН ПЛАН ОД ЖЕРНОВСКИ СО КОЈ ПЕТ КУЌИ ВО КАПИШТЕЦ ТРЕБАШЕ ДА СТАНАТ ЗГРАДИ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР УКИНА ДЕТАЛЕН ПЛАН ОД ЖЕРНОВСКИ СО КОЈ ПЕТ КУЌИ ВО КАПИШТЕЦ ТРЕБАШЕ ДА СТАНАТ ЗГРАДИОва е првпат план кој ги минал сите други институции да биде вратен и неусвоен од Совет на Oпштина. На овој простор 5 објекти кои сега се куќи, со измените кои не беа прифатени требаше да станат згради за колективно домување на четири и пет ката (Фото: Општина Центар)

    Општина Центар не ги изгласа измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Капиштец, блок 24, со кој во близина на новото училиште требаше да никнат згради.

    На овој простор 5 објекти кои сега се куќи, со измените кои не беа прифатени, требаше да станат згради, односно да добијат пренамена од индивидуално во колективно домување, додека на четири згради требаше да им се зголеми катноста. Како спорни моменти поради кои измените не се прифатени,  од Општината ги посочуваат зголемувањето на бројот на жители кои би се појавиле со реализација на планот, а со тоа и потреби за паркинг простор, комунална инфраструктура, сообраќајна инфраструктура, безбедност, но исто така и јавен простор и зеленилото кое на ниво на парцела не ги следи одредбите од постоечкиот закон за зеленило каде се бара минимум 20 проценти зеленило во рамки на парцела.

    За една парцела која сега е куќа со приземје, еден кат и поткровје била предвидена маркичка за зграда со  приземје плус пет ката и поткровје, односно висината од 19 метри. За четири парцели планот давал можност куќите да станат згради со приземје и три ката или висина од 12 метри. За четири парцели каде е предвидено колективно домување и кои и сега се со катност приземје плус три ката, со планот се предвидувало зголемување за уште еден кат.

    По предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, советниците донесоа одлука за неприфаќање на планот. Ова е првпат план кој ги минал сите други институции да биде вратен и неусвоен од Совет. Како што објаснуваат од Општина Центар, планот ќе биде вратен во Министерството за транспорт и врски од каде е и пратен во Општината, по добиени согласности од страна на низа институции. Планот нема можност да се доработува или преработува, туку е потребно да се започне со изработка на ново решение кое ќе ги следи потребите на жителите за спокоен, безбеден и квалитетен живот.

    „Овој план не е дел од мораториумот за градба додека не заврши ревизијата на ДУП-овите. Измените и дополнувањата се правени во времето на мојот претходник Андреј Жерновски. Поради низа неправилности, меѓу кои и зголемениот број на жители и возила, станбени објекти, како и потребата од повеќе зеленило, дадов предлог планот да не се усвои. Ќе изработиме нов план кој ќе овозможи непречено и безбедно функционирање на околните јавни објекти и ќе го олесни движењето на учениците и пешаците, а и на овој начин ќе се направи усогласување со Генералниот урбанистички план. Се’ додека не се донесат измените и дополнувањата, нема да се гради на овој дел од Капиштец“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

    За измените кои се предвидуваа со овој план, граѓаните од неколку соседни згради неколкупати испраќаа свои дописи до Општината противејќи се на ова предложено решение. Тие во писмата до новото општинско раководство наведуваа дека нивниот мир е веќе нарушен со висококатници на улицата Киро Гавриловски во изградба, како и од објектите изградени околу градинката на улица Козара, со кои, како што велат е нарушен нормалниот проток на сообраќај, безбедност, но и услови за пристап до овој важен објект наменет за ран детски развоj.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира