Општина Велес бара помош од Владата за спас на езерото Младост. Иако концесионер на водата е ЈВП „Лисиче“, а на рибниот фонд здружението на спортски риболовци „Бабуна“, постапувајќи по заклучотот на Советот на Општина Велес, таа се јавува како институција која ќе ги координира работите за санација на езерото.
„Испративме писмо до Владата со повеќе барања и мерки, како и финански план за помош околу спас на езерото Младост. Добивме одговор дека треба да се обратиме до Министерството за животна средина, кое ќе ни помага во активностите. Побаравме финансиски средства, па заедно со сопствени пари, што ќе ги обезбеди Општина Велес, заеднички да се спаси акумулацијата“, вели Петре Цилаков, раководител на секторот за животна средина во Општина Велес.
На последната седница на Советот формирана е комисија во која членуваат поединци од локалната власт, ЈКП „Дервен“, граѓански еколошки здруженија, Центарот за јавно здравје Велес и од Државниот санитарен инспекторат. Локалната власт се обидела преку неколку локации околу акумулацијата да обезбеди свежа вода, но тоа било неуспешно, вода нема.
„Потребен е дотур на свежа вода до езерото, потребен е кислород. Нашите анализи покажаа дека единстено може да се обезбеди од Отовичка Река. Ќе преземеме механички чистења на коритото на реката. Потребни се и пари за чистење на вентилите на браната од езерото за да може да се испушти дел од водата во акумулацијата“, вели Цилаков.
Меѓу предложените мерки е изготвување проект и финансиска конструкција за чистење на испусните вентили на езерото и механичко отстранување на масите од алги и душеците мртва растителна маса од површината на водата. Потребни се и механичко отстранување на конгломератите кои се наталожени на дното на акумулацијата и изнаоѓање начин за аерација на водата, а еден од начините е вградување пумпи во самата вода кои како фонтани ќе исфрлаат дел од водата во воздух.
Во 2012, со три милиони денари од Министерството за земјоделство, беа заменети овие вентили, но тие никогаш не се искористија оти при некои подоцнежни обиди се констатирало дека биле во дефект.
Велешкото езеро е во „алерт 2“ состојба поради тоа што има присуство на цијано бактерии, открија анализите на Хидробиолошкиот завод од Охрид (ХБЗ).
„Важно е да знаеме дали има присуство на цијано токсини. Најблиску каде што може да се испита водата за цијано токсини е во Словенија. Таму се испитува и евентуалната нивна концентрација, во други лаборатории на Балканот нема таква можност“, кажа д-р Ивана Горгиевска.
Локалната власт нема толку средства за едно вакво испитување во Љубљана и затоа бара помош од Министерството за животна средина. Акумулацијата се полни со вода од Отовичка Река и Рудничка Река, кои со години не течат и се суводолици.
Но, треба да се испита и можноста водата од езерото Јарбош да се користи за полнење на езерото Младост, за што било и создадено. Тоа е под концесија на ловното друштво „Руен“. Лани непознати сторители со булдожер ги затрупале изворите и сега езерото Јарбош е полупразно.
Опцијата за полнење на езерото Младост со вода од езерото Лисиче, што беше актуелно 20 години, е отфрлена од консултантите ангажирани од „КФВ банка“, која го додели кредитот за изградба на цевковод. Таквата можност е оценета како нерационална и несоодветна. Стручните лица сметаат дека ќе се нарушат флората и фауната на езерото доколку се помешаат водите.
„Сите предложени мерки не можат да се реализираат преку ноќ, ниту само една институција може да помогне во решавањето на проблемот. Основно е да се мапираат загадувачите, па потоа да се санираат последиците“, вели Сашка Коцевска од ЕД „Вила Зора“.
П. ПЕЧКОВ