Општина Велес доби грант од Светска банка за уредување на околината на езерото Младост. Проектот е вреден милион евра и е насловен „Паметно езеро Младост“. Со него, езерото Младост треба да добие нов лик, нови содржини и да биде привлечно туристичко одредиште.
„Ова е шанса Велес да прерасне во транзитна туристичка дестинација, не само во Македонија, туку и во регионот, оти во близина, преку автопатот, годишно минуваат над два милиони луѓе. Со овој проект ќе се зајакне локалната економија и ќе се отворат нови работни места. Со проектот и средствата ќе менаџира Светска банка“, најави Аце Коцевски, градоначалникот на Велес.
Партнер во овој проект е Вардарски плански регион, а Коцевски упати благодарност до винариите „Шато Сопот“ и „Тристо“, хотелите „Романтик“ „Панини“ и „Глориус“ и до ресторанот „Бела вода“, кои го поддржале проектот и за него, ова е пример за партнерство со приватен сектор.
Проектот „Паметно езеро Младост“ опфаќа 27 активности, меѓу нив и осум инфраструктурни зафати. Со проектот се добиваат уредување на пешачки патеки, осветлување, паркинг простор, камп и велосипедска патека, а треба да заврши до крајот на наредната година.
„Со овој проект, Младост добива уредена и осветлена пешачка патека од 750 метри, која ќе можат да ја користат и лица со ограничена мобилност, пристапен асфалтиран пат до винаријата ‘Сопот‘ од 600 метри, еко камп од 1.500 квадратни метри со седум типизирани куќи со сончеви панели и со детски парк за авантури, пејсажно и хортикултурно уредување на крајбрежјето, ново туристичко биро, велосипедски патеки од 17 километри, клупи за полнење мобилни…“, објасни Коцески.
П. ПЕЧКОВ