ОПШТИНА ВЕЛЕС ГИ МЕНУВА СТАРИТЕ САЛОНИТНИ ВОДОВОДНИ ЦЕВКИ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ГИ МЕНУВА СТАРИТЕ САЛОНИТНИ ВОДОВОДНИ ЦЕВКИПоради чести дефекти на старата водоводна мрежа загубата на вода на годишно ниво е 2,9 милиони кубни метри.(Фото: СДК.МК)

    Старите салонитни водоводни цевки во Велес ќе се заменат со нови пластични. За оваа намена годинава предвидени се 18 милиони денари. Во Општина Велес една петина од улиците низ градот се со стари, дотраени цевки за вода, поради што загубата на вода за пиење е речиси 50 отсто.

    „Еден од приоритетите на ЈКП ’Дервен‘ оваа година е велешани да добиваат квалитетна вода за пиење. Затоа планираме замена на старата водоводна мрежа со нова. На оваа проблематика се работи изминатите 15 години, а има уште 20 отсто цевки во градот кои треба да се променат“, велат од ЈКП „Дервен“.

    Лани променети се старите цевки на пет велешки улици, за што биле потрошени шест милиони денари. Од ЈКП „Дервен“ велат дека старата дотраена водоводна мрежа била причина за пукање на цевките, па поради тоа некои делови на градот имаат чести прекини во водоснабдувањето.

    Замена на старата салонитна водоводна мрежа со нова, целосно ќе заврши до 2012 година, кога сите домови во Велес би се снабдувале од нови пластични цевки за вода. Годинава се планира да се набави и опрема за откривање на дефектите на водоводната мрежа, со што би зголемила брзината за лоцирање и брзо отстранување.

    Мината година биле произведени 5,3 милиони кубни метри вода за пиење. Поради чести дефекти на старата водоводна мрежа загубата на вода на годишно ниво е 2,9 милиони кубни метри.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира