ОПШТИНА ВЕЛЕС ГО ИСПЛАТИ КРЕДИТОТ ОД 2013 ЗА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ И ЗА ВОДОСНАБДУВАЊЕ ВО ОКОЛИНАТА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ГО ИСПЛАТИ КРЕДИТОТ ОД 2013 ЗА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ И ЗА ВОДОСНАБДУВАЊЕ ВО ОКОЛИНАТА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТНе е познато дали со продажбата на две големи парцели за овие десет години во околината на езеро Младост се овозможи исплата на кредитот. (Фото: П. Печков)

    Општина Велес го исплати кредитот кој во 2013 го зема од Светска банка, по одлуката за задолжување која Советот ја донесе 2011 година. Според тогашната одлука,  Општината се заборчи за 90 милиони денари за реализација на два проекта за подобрување на енергетската ефикасност на уличното осветлување, што се состоеше во замена на постојните со нови економични светилки и за водоснабдување на околината од езерото Младост, со вода од градскиот водоводен систем.

    „На територијата на Општина Велес во овој период се изведе реконструкција на уличното осветлување според принципот замена на светилка со светилка, не се навлегуваше во делот на замена на столбови и канделабри. Вкупно се заменети 3.504 светилки. Во однос на водоснабдувањето, приклучена е сателитската населба Бела Вода и населено место Отовица. Водоводот е предаден на стопанисување на ЈКП Дервен“, ни рекоа од Општината.

    Отплатата на задолжувањето се изврши во текот на минатите девет години. Од општинскиот буџет годишно се исплатуваа околу 8,1 милион денари за овој кредит, за двете ставки. Исплатени биле 42 милиони за кредитот за водовод и 20 милиони денари за кредитот за осветлување.

    „Двата проекта се самоисплатливи, бидејќи од штедењето со потрошената електрична енергија на економичните светилки ќе се отплатува кредитот. Со парите што ќе се прибираат од продажбата на градежните парцели, кои се слеваат во локалниот буџет, ќе се овозможи динамиката на неговата исплата“,  го образложуваше задолжувањето тогашниот градоначалник Горан Петров, во чие време беше донесена одлуката.

    Но, не е познато дали со две продадени големи парцели за овие десет години во околината на езерото Младост, за изградба на хотели и десетина парцели во сателитска населба, се овозможи исплата на кредитот, како и тоа колку квалитетно осветлување доби градот со поставените жолти натриумови светилки, кога актуелниот градоначалник Марко Колев најавува од следната година промена на постојните со лед светилки .

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира