ОПШТИНА ВЕЛЕС ЌЕ ГРАДИ ПАТ ДО ЛОКАЛИТЕТОТ ПЕШТИ ЗА ДА РАЗВИВА ТУРИЗАМ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ЌЕ ГРАДИ ПАТ ДО ЛОКАЛИТЕТОТ ПЕШТИ ЗА ДА РАЗВИВА ТУРИЗАМКлисурата Пешти има карактеристичен природен пејзаж со голем потенцијал за развој на рекреативен туризам (Фото: СДК.МК)

    Општина Велес најави дека ќе се гради пат до локалитетот Пешти. Локалната власт на овој начин планира да го развива туризмот, додека дел од јавноста стравува дека со тоа ќе се зголеми бројот на дивоградбите во овој предел, кој е заштитен. За изградбата на патот, кој ќе биде во должина од 2,6 километри, обезбедени се 13,4 милиони денари од Агенцијата за поддршка на земјоделието и руралниот развој.

    „Ова е проект за пристап до туристички дестинации. Целта ни е локалитетот Пешти и долниот тек од течението на Бабуна да бидат што подостапни за велешани и нивните гости, да има каде да се рекреираат и одмораат а не некој да гради нелегално“, рече градоначалникот Коцевски.

    Долга 430 метри, клисурата Пешти е прогласена за карактеристичен природен пејзаж со голем потенцијал за развој на рекреативен туризам. Името го добила по големиот број тамошни пештери, евидентирани во Заводот за заштита на споменици. Локалитетот е карактеристичен и по специфичните флора и фауна, како и по бројни јаворови дрва, кои се исто така заштитени. Локалитетот нуди атрактивни природни ресурси и потенцијали за развој на спортски, рекреативен, рибен и ловен туризам и параглајдерство.

    Стравувањата на дел од јавноста се што токму во долниот дел на реката Бабуна, каде има патна инфраструктура, никнаа повеќе објекти. Тоа се дивоградби, но ниту една локална власт не го решила овој проблем.

    „Проблемот со диво изградените објекти е тежок и огромен, не знам како ќе се реши заедно со државните институции. Сигурно е дека нема да бидат легализирани“, додаде Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира