Десет отсто од учениците во велешките основни и средни училишта не можат да ја следат онлајн наставата оти немаат соодветни уреди за тоа, додека секој трет наставник во Велешко нема можност да спроведува онлајн предавања затоа што нема компјутер или лаптоп. Ова се податоците што ги соопшти градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, додавајќи дека локалната власт ќе ги обезбеди просветните работници со лаптопи.
Бројот на уреди што недостига во училиштата е 300, во основно 208, а во средно образование 92.
„Со училиштата се договоривме да направиме заедничка јавна набавка за да предизвикаме поголем интерес кај добавувачите и да постигнеме поповолна цена за ваквите уреди за сите основни и средни училишта и таа е во тек“, изјави Коцевски.
На новинарското прашање за кого се предвидени овие уреди, тој дополни дека се за наставниците.
Во шест основни и во четирите средни училишта во Велешко настава посетуваат 6.647 ученици, а без уред за следење настава се 535 ученици во основни и 157 во средни училишта. Во велешките средни училишта има 198 наставници и 332 во основните, а вкупно 165 се без уред за држење настава.
П. ПЕЧКОВ