Средношколците со попречености во Велес имаат лични асистенти во оваа учебна година, наспроти состојбата во остатокот од земјава, каде што тие се школуваат во редовни училишта и останаа без образовни асистенти. Овие лица се исплаќаат преку проект на Програмата за развој на Обединетите нации и Општина Велес.
„Минатата година, на јавниот повик се пријавија и беа прифатени четири лица, годинава три. Тие се ученици во две средни училишта од градот, ‘Коле Неделковски‘ и ‘Димитрија Чуповски‘“, кажа Верица Тодоровска-Дацева, раководителка на одделение.
Бил понуден личен асистент и за ученик од уште едно средно училиште, но родителите не прифатиле.
Овие лични асистенти добиваат паричен надоместок од 9.000 денари бруто износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето од повреда на работа или професионална болест.
Бидејќи во Законот за средно образование, кој не е сменет за разлика од Законот за основно образование, не е дефинирано кој ја обезбедува поддршката на средношколците со посебни образовни потреби, општината го овозможува тоа преку проектот за општествено корисна работа.
П. ПЕЧКОВ