ОПШТИНА ВЕЛЕС ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ ИМ ИСПЛАТИЛА 35.000 ЕВРА НА ГРАЃАНИТЕ КОИ БИЛЕ КАСНАТИ ОД КУЧЕ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ ИМ ИСПЛАТИЛА 35.000 ЕВРА НА ГРАЃАНИТЕ КОИ БИЛЕ КАСНАТИ ОД КУЧЕ26 велешани завршиле во болница откако биле каснати од куче (Фото: СДК.МК)

    За половина година, од буџетот на Општина Велес се исплатени 2,13 милиони денари (35.000 евра) како
    обесштетување за каснување од куче. Стигнале 34 пријави од оштетени граѓани.

    „Дел од средствата се исплатени по пат на спогодба, дел по основ на судска пресуда. Како обесштетување од општинскиот буџет се исплатени вкупно 2.132.954 денари“, велат од локалната власт.

    Лани биле исплатени 2,7 милиони денари за 69 случаи, во 2019 година 2,3 милиони, а во 2018 година 1,7 милиони денари за 58 претставки.

    Во првите шест месеци од годината, на Инфективното одделение на велешка болница биле пријавени 26 граѓани кои побарале помош откако биле каснати од куче. Оваа бројка се однесува и на кучињата бездомници и на кучињате кои имаат сопственици, а такви случаи имаше неколку, според билтенот на СВР Велес.

    „Исплатени се огромни суми од општинскиот буџет по тужби на граѓани, кои наместо за инфраструктурни работи, ги даваме за обесштетување“, вели градоначалникот Аце Коцевски.

    Локалната власт го решава проблемот со бездомните кучиња во соработка со „Пансион Гиовски Тим“, со кого има склучено договор за заловување, стручен третман и грижа на кучињата скитници, кои потоа се враќаат назад на улица.

    „Оваа пракса ‘залови, кастрирај, вакцинирај, пушти го‘ не дава резултати, тоа е евидентно. Потребно е залови и смести, да се изгради стационар, прифатилиште“, вели Димче Никушев, претседателот на здружението „Вила Зора канис“.

    Здружението „Гласот на животните“ располага со стационар кој згрижува повеќе од 150 бездомни кучиња. Овој стационар, во сопственост на невладина организација, функционира на основа на донации од поединци и фирми и таму волонтираат членовите на здружението.

    „Проблемот не се кучињата скитници, туку неодговорните сопственици, кои ги оставиле на улица“, вели Меги Ѓорѓиева-Ѓаков од „Гласот на животните“.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира