ОПШТИНАТА НЕ МУ ДАДЕ ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА НА КАМЕНОЛОМОТ НАД БИТОЛА

    ОПШТИНАТА НЕ МУ ДАДЕ ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА НА КАМЕНОЛОМОТ НАД БИТОЛАОд отворањето на рудникот на месноста Билбил Камен над Битола, еколошките здруженија и советниците од локалната опозиција повеќе од една година одржуваа пресови и протести обвинувајќи дека загадува. Надлежните тогаш тврдеа дека не загадува и дека се доставени сите потребни документи (Фото: СДК.МК)

     

    Општина Битола  го одби барањето за издавање на Б интегрирана еколошка дозвола на фирмата „Стентон ДОО“ за ископ на гранит на месноста Билбил  Камен над Битола. Според образложението, дозволата не им се дава зашто не е спроведена оцена за влијанието на животната средина.

    “Со неспроведување на оцена за влијанието на животната средина  е пропуштено подетално да се испита влијанието врз средината на проектот, врз животот и здравјето на луѓето, биолошката разновидност, почвата, водата, воздухот, историското и културното наследство”, пишува во решението.

    Решението е донесено од  одделението за урбанистичко планирање, а потпишано и од градоначалникот на Битола Владимир Талески.

    Претходно, каменоломот работеше  повеќе од една година иако беше оддалечен на неколку стотици метри од првата населба. Од отворањето на рудникот, еколошките здруженија и советниците од локалната опозиција повеќе од една година одржуваа пресови и протести обвинувајќи дека загадува. Надлежните тогаш тврдеа дека не загадува и дека се доставени сите потребни документи.

    Ситуацијата се смени пролетва, кога инспекцијата за заштита на животната средина времено ја забрани работата на рудникот зашто нема Б интегрирана дозвола. Беше најавено дека на фирмата ќе ѝ биде изречена и глоба. „Стентон ДОО“ тогаш престана со ископ, но сопствениците тврдеа дека не ја загадуваат животната средина и дека ја имаат доставено комлетната документација за издавање на дозволата и дека ќе побараат одговорност што постапката се одолговлекува.

    Горан Козаров, советник од СДСМ, кој во изминатиот период ја водеше битката за утврдување на тоа како каменоломот влијае врз животната средина, денес рече дека ако од било која причина каменоломот  повторно се обиде да работи граѓаните на Битола ќе излезат на референдум.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира