ОШТЕТЕН Е ВТОРИОТ СТОЛБ ОД ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ МОСТ НА РЕКАТА ЦРНА, НЕМА ВОЗОВИ КОН СОЛУНСКОТО ПРИСТАНИШТЕ, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЌЕ ТРАЕ САНАЦИЈАТА

    ОШТЕТЕН Е ВТОРИОТ СТОЛБ ОД ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ МОСТ НА РЕКАТА ЦРНА, НЕМА ВОЗОВИ КОН СОЛУНСКОТО ПРИСТАНИШТЕ, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЌЕ ТРАЕ САНАЦИЈАТАНа терен се излезени екипи на ЈП Македонски железници-Инфраструктура, професори од Градежен факултет, експерти и стручни лица од областа и истите вршат увид на моменталната ситуација. (Фото: СДК.МК)

    Оштетувањето на еден од двата столба на железничкиот мост на реката Црна, кај Стоби, било констатирано вчера во 12,35 часот од машиновозачот на товарниот воз од Гевгелија за Скопје. Тој случајот го пријавил во ЈП Македонски железници (МЖ)-Инфраструктура, од каде веднаш упатиле екипа и констатирале дека не е безбеден за натамошно користење. Претпладнево на терен биле стручни екипи, за што соопшти МЖ-Инфраструктура. Во писменото соопштение нема информација кога ќе започнат работите на санација и колку време ќе се изведуваат.

    „На терен се излезени екипи на ЈП Македонски железници-Инфраструктура, професори од Градежен факултет, експерти и стручни лица од областа и истите вршат увид на моменталната ситуација по што ќе се одлучи како најсоодветно и најбрзо да се постапи, за да се воспостави непречено функционирање на железничкиот сообраќај“, соопшти МЖ-Инфраструктура.

    Железничкиот сообраќај од и кон Гевгелија е во прекин. Товарните возови од Солун сообраќаат до Криволак, додека патничките возат со премостување. Патниците од Градско до Криволак, се префрлаат со автобус, а потоа патувањето го продолжуваат со воз до Гевгелија и обратно. Од Гевгелија до Криволак со воз, од таму до Градско со автобус, а потоа повторно со воз до Скопје.

    На местото на увид кај мостот, имаше вработени од македонски компании, кои се увозно или извозно ориентирани. Зборуваа дека им било ветено санацијата да се заврши за десетина дена.

    Со прекинот на железничкиот сообраќај од Солун за Скопје, најголем удар ќе има МЖ-Инфраструктура, бидејќи од превозот на стока која секојдневно се врши со по неколку товарни возови од Солун за државите од Средна Европа, ќе се одлее голема девизна заработувачка и тоа преку алтернативниот правец преку Бугарија.

    На 29 септември 2018 се оштети друг столб на железничкиот мост и тој се санираше до 8 ноември истата година. За 40 дена двете компании на МЖ, Инфраструктура и Транспорт тогаш објавија дека загубиле 1,2 милиони евра.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира