Само што заврши реставрацијата на Офицерскиот дом во Битола и околното партерно уредување, синоќа непознато лице нанесе штета на еден од рефлекторите од надворшеното осветлување на објектот.
Од Општина Битола соопштија дека е искривен еден од рефлекторите, а ЈП „Комунлаец“ веќе го поправа. Од таму велат дека Офицерскиот дом има обезбедување и дека иако не е нанесена материјална штета, сепак ова е вандалски чин врз објектот кој само што беше реконструиран.
Од Културно-информативниот центар од Битола, под чија надлежност е Домот, случајот го пријавиле во полиција.
Реновираниот Офицерски дом беше отворен на 17 септември. Реконструкцијата на објектот и неговата околина чини 59 милиони денари (околу 960.000 евра), од кои 53 обезбедени од проектот за локална и регионална конкуретноста преку ЕУ фондови, а Општината учествуваше до 5,9 милиони денари од својот буџет. Исто така, Општината инвестираше и во обезбедувањето на инфраструктурата околу Офицерскиот дом, како и партнерно и хортикултурно уредување со вкупна инвестиција од 850.000 евра.
И пред реставрацијата, Офицерскиот дом често беше мета на крадци кои изнесоа од него сè што можеше да се подигне, па дури и штекерите од ѕидовите, а на фасадата беа пишувани вулгарни пораки.
Ж. ЗДРАВКОВСКА