ОШТЕТЕНИ И ИСЧКРТАНИ ИНФОРМАТИВНИТЕ ТАБЛИ ВО БИТОЛА, ПОДАРОК ОД ФРАНЦИЈА

    ОШТЕТЕНИ И ИСЧКРТАНИ ИНФОРМАТИВНИТЕ ТАБЛИ ВО БИТОЛА, ПОДАРОК ОД ФРАНЦИЈАТаблата е дел од проектот „Сигналитика“, со кој беа означени важни културно-историски објекти во градот (Фото: СДК.МК)

    Во центарот на Битола со спреј е исчкртана единствената информативна табла за улицата на конзулите. Таблата содржи историски факти за конзулското минато на Битола, поткрепено со фотографии од тоа време, а беше дел од француска донација пред 13 години.

    Оваа табла е дел од проектот „Сигналитика“, во чии рамки беа поставени 11 светлечки паноа, шест легнати табли и два јарболи пред и на важни културно-историски објекти во градот. Донацијата вредна 15.000 евра ја додели тогашниот амбасадор на Франција, Вероник Бижон-Баре.

    „На кого може да му пречи табла која дава податоци за Битола? И не е само таблата, туку исчкртани се и фасадите на околните куќи, а тие беа реставрирани со државни пари“, реагираат битолчани кои ги затекнавме на Широк Сокак.

    Почесниот конзул на Франција во Битола, Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, вели дека досега неколку пати се чистеле и заменувале оштетените табли.

    „Овој инвентар од самото поставување, според договорот, е сопственост на Општината, кој во соработка со Завод и Музеј ја спроведе иницијатива. Со жалење констатирам дека, не знам од кои причини, на некои наши сограѓани им смета убавото. Во повеќе наврати Општината интервенира со чистење и замена на искршените, оштетените, па дури и исчезнатите табли и пултови. И во пролетниот период што следи, тоа пак ќе биде направено“, вели конзулката Стилиновиќ-Кривашија.

    Од полиција не добивме одговор дали се фатени и казнети лицата што чкртаат по објектите и информативните табли во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира