Непознат сторител синоќа го оштетил електричното вовче Мечо, кое беше пуштено во употреба пред само еден месец и е вистинска атракција за децата, превезувајќи ги низ Градскиот парк. Искинати се каблите во внатрешноста на вовчето, со што е предизвикана мала материјална штета, па вовчето ќе може да продолжи со возење.
Од јавното претпријатие „Паркинзи“, кое стопанисува во Мечо, соопштија дека вовчето било вандализирано синоќа од засега непознат сторител (или сторители) . Настанот го пријавиле во полиција, која направила увид.
„Најостро го осудуваме девијантното однесување на поединци, посебно кога е насочено кон Мечо, чија намена е да ги радува нашите најмлади граѓани и со тоа никому не пречи. Возот Мечо продолжува со работа во утврдените термини“, соопштија од „Паринзи Битола“.
Вовчето беше набавено со пари на Општина Битола, со што се возобнови традицијата од пред повеќе години, кога слично вакво вовче превезуваше битолчани и туристи од Широк Сокак до Зоолошката градина и назад.
Ж. ЗДРАВКОВСКА