ОШТЕТУВАЊАТА НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ СЕ СЕРИОЗНИ, ПОТРЕБНИ СЕ ДЕТАЛНИ ИСПИТУВАЊА, ВЕЛИ ПРОЕКТАНТОТ ВУКАН ЊАГУЉ

    ОШТЕТУВАЊАТА НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ СЕ СЕРИОЗНИ, ПОТРЕБНИ СЕ ДЕТАЛНИ ИСПИТУВАЊА, ВЕЛИ ПРОЕКТАНТОТ ВУКАН ЊАГУЉЊагуљ вели дека треба дасе отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. (Фото: К. Попов)

    Обемот на оштетувања на мостот „Беласица“ во Скопје се големи, треба да се третираат многу сериозно и потребни се детални испитувања и пресметки, вели проектантот на мостот Вукан Њагуљ во изјава за државната агенција МИА. Тој изминативе два дена, на покана на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени (ИЗИКП) чиј директор е Грозде Алексовски, беше во Скопје, на увид на опожарениот мост.

    Ова е спротивно на изјавата на Михаил Гаревски, кој е директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени (ИСОГКП) ангажиран од Град Скопје, кој пред пет дена на прес-конференција со градоначалничката Данела Арсовска изјави дека на мостот не му треба сериозна санација.

    Кога бев на мостот, добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток. Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. Го слушав интервјуто на професорот Горан Марковски кој рече дека во Македонија не располагате со опрема за сето она што треба да се испита. Но, како и да е, тоа мора да се направи и дури тогаш може да се даде проценка за моменталната состојба на мостот“, вели Њагуљ.

    Нагуљ нагласува дека не станува збор за обични оштетувања како што се корозија или пукнатини, туку за сосема друг тип на оштетување и затоа се потребни прецизни претпоставки за квалитетот на материјалите на мостот.

    Секоја проценка сега, без тие податоци е просто невозможна. И не само тоа, туку мора да се направат и пресметки врз основа на кои ќе се види состојбата на конструкцијата. Секако, во тие пресметки треба да се влезе со што е можно попрецизни претпоставки за квалитетот на материјалите кои треба да произлезат од испитувањата што мора претходно да се направат. Дури потоа може да се каже, сега треба да се продолжи со ова или со она“, додава тој.

    Деканот на градежниот факултет Горан Марковски неколку дена по пожарот изјави дека на мостот треба да се направат сериозни испитувања, да се ангажираат компании од надвор бидјеќи кај нас ваков тип на испитувања не се прават. Според проценките на Марковски, со оглед на сериозноста на оштетувањето мостот ќе биде затворен најмалку една година. По оваа негова изјава градоначалничката Арсовска ги нарече  професорите од Градежен факултет самонаречени експерти кои шират паника во јавноста.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира