Вицепремиерот и координатор на општинските кризни штабови Бујар Османи, денеска во Штип рече дека земјава ја изгуби битката со лажните вести за коронавирусот и најави дека во сите фирми и јавни институции ќе има КОВИД-19 координатори кои ќе обезбедат целосно да се спроведуваат мерките за заштита.
Според Османи, очигледно дека има рецидив на болеста, има враќање на пикот на епидемијата во повеќе градови во државата.
„Веќе е време во сите институции да се создаде нова позитива, оти очигледно е дека оваа болест и епидемија ќе трае и за да се заштитат компаниите од затворање, најисплатливо е секоја фирма, дали е државна или приватна, да ангажира специјално вработени лице како ковид-координатори на кои единствена задача ќе им биде имплеметирањето на протоколите“, рече Османи по денешната попладневна заедничка средба на Кризниот штаб во градот.
„Со оглед на најновата состојба со КОВИД-19, очигледно дека ние ја загубивме битката со лажните вести. Различните манипулатори успеаја да ја искористат психичката замореност на граѓаните и да им наметнат лажна ‘вистина’ дека вирусот не постои за да денес тие се запознаваат на многу лош начин, преку добивање сопствена болест на КОВИД-19 или загуба на најблиските. Ако вчера бев во Теарце каде болеста се проширила поради масовните верски обреди, денеска гледам дека во Штип болеста се шири во доминантната конфекциска индустрија“, рече Османи.
Османи заклучи дека е време е за драстични мерки на државата против лажните вести и дека сега, кога се спушта надлежноста од централно на локално ниво, неопходно е да се зајакне улогата на општински штабови, па дури и преку активирање на локалните штабови по урбаните заедници кои „треба да се впуштат во борба против оваа специјална војна на ширење на лажни вести“.
Т. ЈОВАНОВСКИ