Основниот суд во Струга денеска ја потврди ослободителната пресуда за двајцата обвинети лекари, Блертон Асани и Лилјана Јовановска, во случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, која при породување остана без три органи.
Ова следува откако Апелациониот суд претходно го врати предметот на повторно судење, укажувајќи на потреба од дополнително разгледување на одредени околности и докази.
Со најновата одлука на Основниот суд, двајцата обвинети повторно се ослободени од вина. За првообвинетиот гинеколог Мухамед Асани, пак, останува во сила претходно изречената тригодишна затворска казна за тешки дела против здравјето на луѓето, како и петгодишната забрана за вршење лекарска дејност.
„Со оглед дека единственото укажување од страна на повисокиот суд беше повторно да се разгледаат и оценат доказите, судот го направи тоа и остана на ставот дека двајцата обвинети, за кои постапката беше вратена на повторно судење, треба да бидат ослободени од одговорност. Во конкретниот предмет беше изведен доказ со супервештачење, при што вештаците појаснија дека единствена одговорност за штетните последици што ги претрпе оштетената има веќе правосилно осудениот Мухамед Асани“, изјави судијата Јордан Јованов.
За адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, пресудата била очекувана, бидејќи, како што вели, ретко кој судија го менува сопственото мислење по веќе донесена првостепена пресуда.
„Сметам дека и второ и третообвинетата имаат учествувано во создавањето на штетната последица. Јавниот обвинител има право на жалба и верувам дека ќе ја искористи таа можност, но поважно е што ќе се случи со правосилната осудителна пресуда за првообвинетиот, која е извршна. Дали ќе биде спроведена и дали правдата на крајот ќе победи? Обично адвокатите бараат одложување на извршувањето на санкцијата до одлучување на Врховниот суд, но таква можност не е предвидена во Законот за кривична постапка. Вонредниот правен лек нема суспензивно дејство врз правосилната пресуда, што значи дека треба да се издаде налог за извршување на санкцијата и таа да се спроведе“, изјави Јанев.
Според обвинението, родилката била примена во болницата во август 2020 година, во 40-тата недела од бременоста, по што било одлучено породувањето да се изврши со царски рез. При интервенцијата, како што се наведува, била оштетена левата бубрежна артерија.
Во обид да се запре крварењето, бил извршен дополнителен оперативен зафат, при што биле отстранети матката и левиот јајник, иако, според обвинението, на овие органи немало претходни оштетувања. Бидејќи крварењето продолжило, била изведена уште една хируршка интервенција, при која било утврдено дека изворот на крварењето е оштетената бубрежна артерија.
Поради неможноста за нејзина реконструкција, артеријата била подврзана, а левиот бубрег отстранет, со цел да се спаси животот на пациентката. По стабилизирањето на состојбата, таа била префрлена на понатамошно лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Паралелно со кривичната постапка, оштетената најави дека ќе бара и финансиска отштета во граѓанска постапка.
С. ВРЕНЦОВСКА



