Нови остатоци од средновековната црква за која се препоставува дека е „Свети Ѓорги“ се пронајдени и при реконструкцијата на шадрванот пред Јени џамија во центрот на Битола, во чии темели исто така пред 15 години беа пронајдени наоди од христијанскиот храм. На остатоците, овојпат, се наиде при изведување на градежни работи за реконструкција на шадрванот и партерното уредување на просторот. Поради ваквите наоди запрени се градежните активности.
Од Завод и музеј велат дека пред да продолжат активностите потребно е да се изврши археолошко истражување на новопронајдените остатоци, за што побарана е финансиска поддршка од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Општина Битола.
„При ископ за инфраструктурен дел, односно на кабел за електрична енргија откриени се два дела од црквата пронајдена под Јени џамија, тоа е северниот и јужниот дел од проскомидијата. Новопронајдените делови треба да се третираат археолошки и затоа моменталните работи на шадрванот се запрени. Треба да се извршат заштитни археолошки истражувања за да се заврши партерното уредување пред влезот на џамијата“, вели Слободан Стојкоски, арехолог во Завод и музеј-Битола.
Реконструкцијата на шадрванот започна еден месец пред локалните избори, а се одвиваше до пред неколку дена. Неодамна заврши и надворешната реставрација и конзервација на Јени џамија во Битола, еден од најрепрезентативните објекти со османлиска архитектура во Битола, која датира од 16 век.
Ж. ЗДРАВКОВСКА