ОСТАВКАТА НА ДИРЕКТОРОТ НА БОЛНИЦАТА НЕ Е ДОВОЛНА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛА

    ОСТАВКАТА НА ДИРЕКТОРОТ НА БОЛНИЦАТА НЕ Е ДОВОЛНА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛАПротестот почна со аларм од сирена. (Фото: СДК.МК)

    Со вклучување на свиреж од сирената, граѓаните кои денес протестираа пред Битолската болница поради смртта на 5- годишната Јана Христовска и новороденчето, рекоа дека сакаат да го вклучат алармот во болницата. Оставката на довчерашниот директор на болницата Александар Обедниковски за нив не е доволна, туку потребни се итни мерки и реформи во установата и здравството.

    „Да го вклучиме и алармот во Битолската болница зашто работата станува повеќе од алармантна. Недозволиво е во 21 век при толку напредна медицина да ни заминуваат на ваков начин нашите најмили. Оставката не е ништо, нити капка утеха. Потребни се реформи, итни мерки, а не инспекцијата доаѓа само кога некој ќе умре. Нека се вработи кадар“, рече организаторот на протестот Игор Петковски.

    Учесниците на протестот времено ја блокираа улицата пред Болницата и со едноминутно молчење изразија почит кон сите деца што имале слична судбина како Јана. Тоа што и по три недели нема резултати од обдукцијата за девојчето, според Петковски, кој ѝ е кум на Јана, раѓа сомнеж дека кон нив е направена неправда.

    Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) не откри лекарска грешка во случајот на Јана, но денеска утврди пропусти во третманот на родилката чие бебе почина во неделата. Таа била вратена од болницата дома иако имала болки, а гинекологот не ја известил следната смена за направениот преглед врз неа. За овој случај ќе има прекршочни мерки против гинекологот, болницата и директорот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира