Од почетокот на учебната година, штипските училишта и градинки ги напуштиле над 80 ученици. Ова најмасовно се случува во ОУ „Ванчо Прќе“ и во средното медицинско училиште, од кои се отпишале по 16 ученици.
Според секторот за образование на Општина Штип, вкупно 24 ученици се отпишале од основните, а 29 од средните училишта во градот.
„Ако утврдиме дека отсуствата на учениците се од економски причини, исселување и слично, тогаш ние како локална самоуправа немаме ингеренции за решавање на проблемот, но ако се утврди дека ученикот е отпишан поради отсуство од настава или по други основи, ќе делуваме соодветно законската регулатива“, вели раководителката Билјана Казанџиска.
Отпишувања има и во градинките.
„Сопругот замина на работа во Германија, а сега заминувам и јас со двете ќерки. Овде немав работа, иако сум со факултет. Сопругот се снајде таму и обезбеди работа и стан. Таму барем ќе бидеме сите заедно“, вели младата мајка Благица О. пред исселувањето од Штип.
Отпишувања од училиштата и од градинките бележат и останатите градови.
Во Општина Кочани бројката на отпишани ученици во последните три месеци се движи околу 40. Нешто помал број на отпишани има во Виница, Делчево, Берово, Пробиштип, Свети Николе и во Радовиш. Но, последните два града и натаму бележат населување на жени од Албанија, кои се мажат со локални ергени.
Т. ЈОВАНОВСКИ