Заменик командирот на радовишката противпожарна единица Александар Кулашик вчера правел свадба, а по невестата заминал со противпожарно возило марка „волво“, донација од Британската противпожарна асоцијација „Операција Флоријан“. Одењето по невеста со противпожарно возило накитено со машни и знамиња, ги изненадило радовишани, бидејќи тоа било најновото и најфункционално од возниот парк на радовишката противпожарна единица.
Градоначалникот на Општина Радовиш Сашко Николов рече да не се политизира случајот. Тој беше затечен од настанатата ситуација и вели дека веста ја дознал од своите сограѓани и социјалните мрежи. Рече дека ќе ги преземе сите мерки за да го расветли случајот, како дошло до користење на службено возило.
,,Ниту вчера, ниту претходно, немам издадено согласност, ниту планирам да дадам на користење на службено возило. Сакам да истакнам дека сите оние кои сакаат да постигнат евтин популизам за собирање на ситни политички поени да погледнат во своите постапки пред да обвинат некој. Во текот на денешниот ден се преземени сите потребни мерки за расветлување на случајот согласно Законот за државни службеници“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.MK градоначалникот Николов.
Возилото кое го зел или изнајмил заменик командирот за својата свадба е најопремено, како за гаснење на урбани и шумски пожари, така и за технички интервенции при сообраќајки. Било донирано пред седум години кога „Флоријан“ држела и обука на пожарникарите. По неколкуминутната парада низ радовишките улици, младоженецот дури се качил на возилото, а токму таа фотографија осамна на социјалните мрежи, со коментар: „Ојдееме“.
Командирот на радовишката противпожарна единица Герасим Коцев не креваше телефон, ниту одговараше на пораките на СДК.МК да објасни што се случувало вчера и дали младоженецот имал добиено согласност да го користи возилото и која е тарифата за изнајмување.
По реакциите на јавноста, командирот Коцев на својот профил на Фејсбук линкуваше содржина како пожарникар оди по невеста во Хрватска при што напиша: „Ништо ново, ништо страшно“.
В. ТРАЈКОВ