ОТКАКО СТАВАМЕ БЛОКАТОРИ НАМАЛЕН Е БРОЈОТ НА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ КОЛИ, ВЕЛАТ ОД „ПАРКИНЗИ ЦЕНТАР“

    ОТКАКО СТАВАМЕ БЛОКАТОРИ НАМАЛЕН Е БРОЈОТ НА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ КОЛИ, ВЕЛАТ ОД „ПАРКИНЗИ ЦЕНТАР“Контролорите на претпријатието за еден месец поставувиле околу 500 блокатори за непрописно паркирање низ Центар.Казната е 1.200 денари (Фото: Ѓ.Личовски)

    Околу 500 казни за неправилно паркирање со поставување на блокатор се изречени за еден месец откако ЈП „Паркинзи Општина Центар“ почна со оваа мерка за ослободување на паркинзите за станарите.

    Контролорите на претпријатието дневно поставуваат по 15 блокатори и на терен во голема мера се вовело ред односно се помалку граѓани паркираат во резидентните зони.

    „Изминатиот месец беше период на адаптација и поголем дел од времето го користевме за опомена на несовесно паркираните возила. Од 10 април до 10 мај, ги санкциониравме само оние возила кои во резидентните зони го немаа регулирано нивниот престој со смс порака, дневна паркинг карта или месечен билет и затоа во просек се поставуваа од 10 до 15 блокатори дневно. Од утре оваа акција ќе се спроведува поригорозно како што е изгласано од Советот на Општина Центар односно резидентните паркиралишта ќе бидат наменети само за станарите од тој сектор“, вели директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ Васко Кичевски.

    Контролорите на „Паркинзи Центар’ со електрични коли партолираат низ Општината, казната за поставен блокатор е 1.200 денари.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Тоа значи дека казни, односно блокатори на гумите на возилото ќе бидат поставени и на оние возила кои испратиле смс порака, но се паркирани на резидентни паркизни. Оваа мерка се воведува оти станарите за кои се наменети овие паркиралишта немаат каде да паркираат.

    „Откако започнавме со оваа мерка, реакциите на граѓаните се позитивни, ефектот е видлив и се надеваме дека за кратко време ќе се воведе ред на резидентните паркиралишта со што ќе им овозможиме на жителите на општина Центар непречено да ги користат резидентните зони исклучиво за себе“, додава Кичевски.

    За поставувањето на блокаторите „Паркинзи Центар“ купи 4 електрични коли, со кои контролорите партолираат низ општината. Казната за поставен блокатор е 1.200 денари.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари