На Француските гробишта во Скопје денеска беше отворен музеј и спомен-куќа за Првата светска војна. Во музејот преку фотографии и документи е претставен Македонскиот фронт на кој војувале француски, руски, српски, грчки и бугарски војски, како и информации за локалитетите каде се воделе главните битки во Првата светска војна.
На Француските гробишта во Скопје се погребани 2.930 француски војници кои загинале во Првата светска војна, од кои единствено 930 се идентификувани.
Музејот го отворија францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и градоначалникот Петре Шилегов, кои во чест на загинатите војници засадија дрво.
„Денеска Скопје го добива овој музејски простор кој не само што ќе сведочи за Mакедонскиот фронт, туку и ќе биде симбол на врските и пријателството меѓу Франција и Македонија. Овој музеј и ова дрво ќе бидат симбол на пожртвуваноста и храброста на сите знајни и незнајни херои, но истовремено и опомена никогаш да не се повторат ужасите од војната“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА