ОТВОРЕНА ПРВАТА ГРАДИНКА ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ

    ОТВОРЕНА ПРВАТА ГРАДИНКА ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕГрадинката е сместена во адаптирани простории на основното училиште во селото Младо Нагоричане. (Фото: СДК.МК)

    Започна со работа првата детска градинка во Општината Старо Нагоричане. Градинката е отворена во селото Младо Нагоричане и ќе згрижува 20 дечиња во комбинирана група од 2 до 6 години.

    „Во моментов се запишани 10 дечиња, но се надеваме дека ќе добиеме уште една група од 10 дечиња. Во моментот градинката ќе работи како дел од детската градинка „Ангел Шајче“ од Куманово, а планираме наскоро и ние како општина да отвориме градинка, која самите ќе ја стопанисуваме“, изјави Жаклина Јовановска, градоначалничка на Општина Старо Нагоричане.

    Градинката е сместена во адаптирани простории на основното училиште во селото Младо Нагоричане. Храната ќе се дистрибуира од централната кујна, а со децата ќе работи персонал од градинката во Куманово.

    На отворањето на детската градинка присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која нагласи дека досега се отворени повеќе градинки во руралните средини, а тој тренд ќе продолжи и во наредниот период.

    „Руралните средини треба да добијат еднаков пристап за развој на нивните деца како и децата од градските средини, дополнително со ова добиваат родителите, бидејќи имаат можност да се вклучат на пазарот на труд доколку децата им се згрижени во градинка, но исто така градинките даваат подобар старт за понатаму во образованието и економскиот раст и развој на државата“, изјави Царовска.

    Таа додаде дека Владата минатата недела донела одлука за ослободување од партиципација во градинка на децата што доаѓаат од еднородителски семејства, се со цел да се изедначат можностите на сите граѓани.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира