ОВОШТАРИТЕ СО БЛОКАДА НА ПАТОТ БИТОЛА-РЕСЕН ПОБАРАА ПАРИ ОД ДРЖАВАТА ПОРАДИ СЛАБИОТ ПЛАСМАН НА ЈАБОЛКАТА

    ОВОШТАРИТЕ СО БЛОКАДА НА ПАТОТ БИТОЛА-РЕСЕН ПОБАРАА ПАРИ ОД ДРЖАВАТА ПОРАДИ СЛАБИОТ ПЛАСМАН НА ЈАБОЛКАТАОвоштарите се пожалија дека трговците им должат до неколку милиони евра за јаболка што им ги откупувале од 2012 година, па наваму, а уште не им ги платите. (Фото: СДК.МК)

    Со трактори и жив штит, околу 2.000 производителите на јаболка од Преспа два часа го имаа блокирано магистралниот пат Битола-Ресен кај месноста Макази, барајќи итна средба со премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство Љупчо Николовски за изнаоѓање решение за слабиот пласманот на јаболката. Овоштарите бараат интервентната мерка на Владата со која се субвенционираа индустриските јаболка со три денари за килограм, а која важеше од октомври до 25 декември лани, да продолжи годинава до 30 јуни. Понатаму, до крајот на март годинава да се исплатат субвенциите за минатата година, а до 30 јуни и парите од интерветната мерка за јаболката откупени од октомври до 25 декември лани. Ако за десет дена не добијат одговор на барањата, се заканија дека мирните протести ќе прераснат во радикални.

    „Состојбата е тешка. Имаме над 50.000 тони неоткупени јаболка, а цената е многу ниска. Во моментот нема пласман ни за индустриското, ни за трпезното јаболко. Не сакаме да ги фрламе јаболката, вложен е голем труд, тоа е храна, па дел од јаболката што ги донесовме на протестот ќе ги донираме во Старскиот дом ’Сју Рајдер‘ и Болницата“, рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.

    Непродадени се скоро половина од јаболката од минатогодишната реколта или 50 000 тони. Во ладилникот во Ресен збира само 5.000 тони, а другите се чуваат во магацини без потребните услови, па пролетта ќе почнат да скапуваат.

    „Почна закројувањето на јаболкниците, а луѓето не ги имаат исплатено ни старите долгови. Ќе треба да се пишуваат вересија за препарати, нафта.

    Тие 50 000 тони се складирани по магацини кои не се ладилници каде нема услови за да издржат подолго од март. Тој род ќе се фрли и ќе биде голема еколошка катастрофа не само за Преспа туку и за цел регион“, рече Албен Бекири, член на Иницијативниот одбор за спас на овоштарите од Преспа.

    Овоштарите се пожалија дека трговците им должат до неколку милиони евра за јаболка што им ги откупувале од 2012 година, па наваму, а уште не им ги платите.

    „Да се отвори прашањето зошто години наназад има трговци кои откупуваат јаболка, а не ги плаќаат и имаат повторна можност пак да откупуваат“, рече Стевче Радвески, овоштар од Преспа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира