ПАК ЧАДИ ЃУБРЕТО НА ПЛАЖИТЕ ВО ПРЕТОР

    ПАК ЧАДИ ЃУБРЕТО НА ПЛАЖИТЕ ВО ПРЕТОРНекој се досетил на сред ден додека плажата беше преполна со туристи да го запали ѓубрето во едната канта, а непријатна миризба и чад се разнесуваа наоколу (Фото: СДК.МК)

    Ѓубрето и оваа сезона го нагрдува ликот на плажите во познатата туристичка населба Претор крај Преспанското Езеро. Неиспразнети канти и расфрлен смет има крај самата плажа. Некој се досетил на сред ден додека плажата беше преполна со туристи  да го запали ѓубрето во едната канта, а непријатна миризба и чад се разнесуваа наоколу.

    Неиспразнети канти и расфрлен смет има крај самата плажа (Фото: СДК.МК)

    „Плажите се супер, средени со реквизити. Поради ситниот песок ги нарекуваат преспански Акапулко, но по расфрлените отпадоци ќе сфатите дека сте во Македонија. На плажата има неколку импровизирани канти кои често се преполнети, па некој се досетил да ги празни со палење. И дел од луѓето се некултурни и го фрлат ѓубрето наоколу, како да треба некој да оди по нив и да збира“, коментираат дел од туристите.

    Угостителите за овој проблем не сакаат да зборуваат јавно. Но, објаснуваат дека расфрлениот и запален смет не е на нивните плажи, туку во меѓупростор кој не е даден под концесија. Додаваат дека сметот од нивните плажи го збираат во контејнер кој редовно се празни.

    Директорот на јавното комунално претпријатие Љупчо Крстевски вели дека збирањето на ѓубре по самите плажи не е во нивна надлежност. Но, додава дека на добра волја го подигаат, па го чистат и она што е расфрлено наоколу. Крстевски вели дека на патот над плажите дадени под концесија и кај другите угостителски објекти имаат поставено контејнери и редовно ги празнат. Истото се случува и со вилската населба, но се пожали дека често пати таму контејнетот го наоѓаат преполн со гранки, каучи и друг стар мебел.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира