Одбележани се 75 години од смртта на Панко Брашнаров, првиот претседавач на заседанието на АСНОМ на 2 август 1944 одржано во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Тој почина на 13 јули 1951 на Голи Оток, Хрватска, како политички затвореник на власта, а целиот негов живот го посветил на борбата за социјални права и слобода.
За податок кој досега не беше познат сведочеше Крсто Гочев, син на велешанец, кој исто така бил на Голи Оток. Информацијата досега не беше позната во јавноста, ниту за внуците на Панко. Во повеќе наврати ја раскажувал Дане Гочев, таткото на соговорникот.
„На непознат ден, на татко ми му дале задача да учествува во ископувањето на починатите затвореници на Голи Оток. При откопувањето на еден гроб, таму присутен затвореник му кажал ‘овој ти е земјак, од Велес, Панко Брашнаров‘. Гробовите биле плитки, бидејќи немало земја на островот, па починатите биле покривани со камења. Човечките остатоци ги ставиле во лимен сандак, по шестмина во еден, се штедело и во заеднички сандак биле транспортирани. Затворениците мислеле дека починатите ги фрлаат во море. Бродот по нив доаѓал на одреден временски период. Кога ќе се пополнела локацијата на островот за погребување, ги откопувале и носеле на за нив непознато место. Во спалните имало дрвени кревети на четири ката, се зборувало помеѓу затворениците дека Панко, кој бил немоќен од ќотекот, паднал од најгорниот. Татко ми кажуваше и дека при доаѓањето на островот биле тепани со раце и нозе во шпалир од другите затвореници. Исто било и ако направил некој некоја грешка. Казната била и да се носат камења на носила. Ако е потешка казната, рачките биле пократки, ако е полесна казната, имало подолги рачки“, кажа 79-годишниот Крсто Гочев, син на Дане, кој му ги раскажал овие моменти.
Дане Гочев бил на Голи Оток 18 месеци од 1951 до 1953 година. Учествувл во НОБ како партизан, потоа бил воено лице. По враќањето од Голи Оток, се повлекол од јавниот живот. Живеел до 1981 година. Иако синот Крсто сакал да ги види документите зошто татко му бил испратен на Голи Оток, пријател му препорачал да не ги чита и подобро е да не го види досието.
На Голи Оток поради политички мотиви биле однесени повеќе од 900 лица од Македонија, од кои 76 биле од Велес.
Податокот за откопувањето на посмртните останки на Брашнаров и преносот од Голи Оток не беше познат за неговите внуци. Тие за ова првпат слушнаа на оддавањето на почит пред неговиот споменик во Велес. Правнуката Елена Панова претходно има кажано каков скромен човек бил Панко.
„Тој ги заборавил личните задоволства и семејната среќа, пред желбата за слобода и човечко достоинство. Повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори. Татко ми раскажуваше дека сите џебови на Панко биле сошиени, како да ги немал. Тоа било така за да не држи пари со себе, сите што ги имал, ги давал. Потоа не сакал да се ожени, оти не сакал неговата фамилија да ги трпи последиците од револуционерната борба и ставовите кои ги имал“, раскажа Панова.
Двегодишна „општествено полезна работа“, на која бил испратен Панко на островот Голи Оток, кратко траела, по неколку дена од пристигнувањето, умрел болен во мизерни услови. Во корелација со изјавата дека Брашнаров бил погребан во заеднички ковчег е и одговорот на загрепските гробишта „Мирогој“,дали Брашнаров може да се ексхумира откако се дозна дека тој таму почива. Ова прашање во 2020 година тогашниот претседател на Советот на Општина Велес, Ненад Коциќ, го испратил до раководството на гробиштата. Во писменото известување на „Загребачки холдинг“, подружница Градски гробишта, е напишано дека „за жал не сме во можност да извршиме пренос на посмртните остатоци на Брашнаров, бидејќи се во заедничка гробница, заедно со голем број погребани, поради што е невозможно да се идентификуваат“.
Панко Брашнаров (9 август 1883 – 13 јули 1951), кај велешани познат како „Народниот учител“, бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. При апсењето на Брашнаров во 1928, петиција за негово пуштање од затвор потпишале 68 светски интелектуалци, меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Анри Барбис, Јакуп Хурвиц и Регина Рубен.
П. ПЕЧКОВ



