ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА ПАНКО БРАШНАРОВ, ПРВИОТ ПРЕТСЕДАВАЧ НА АСНОМ, НЕМА ДА СЕ ВРАТАТ ВО РОДНИОТ ВЕЛЕС ОД ЗАГРЕБ

    ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА ПАНКО БРАШНАРОВ, ПРВИОТ ПРЕТСЕДАВАЧ НА АСНОМ, НЕМА ДА СЕ ВРАТАТ ВО РОДНИОТ ВЕЛЕС ОД ЗАГРЕБГробиштата во Загреб го известиле велешкиот советник Ненад Коциќ дека останките на првиот претседавач на АСНОМ Панко Брашнаров не може да бидат донесени во родниот Велес,оти тој бил погребан во заедничка гробница со други лица и не може да се пронајдат кои се неговите останки; - Споменикот на Брашнаров во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Велешкиот пратеник Ненад Коциќ, досегашен претседавач на Советот на Општината, го обелодени документот кој го добил од директорката на гробиштата во Загреб, Хрватска, дека останките на првиот претседавач на АСНОМ Панко Брашнаров не може да бидат донесени во родниот Велес. Причината е едноставна, тој бил погребан во заедничка гробница, со други лица и не може да се пронајдат кои се неговите останки.

    „Ветивме во кампањата за локалните избори дека ќе ги вратиме моштите на Панко Брашнаров во родниот Велес, но за жал, тоа е невозможно. Стапив во контакт со претседателот на Загрепската жупанија, кој ме препрати на одговорната на гробиштата во Мирогој, гробишта на град Загреб. За жал, добив писмен одговор дека не е можно посмртните останки на Панко Брашнаров да бидат префрлени во Велес. Причина е што тој во 1971 година бил погребан, префрлен во заедничка гробница со повеќе други лица“, кажа Коциќ на прес-конференција.

    Во писменото известување на „Загрепски холдинг“ подружница Градски гробишта е напишано дека „за жал, не сме во можност да извршиме пренос на посмртните остатоци на Брашнаров, бидејќи се во заедничка гробница, заедно со голем број погребани, поради што е невозможно да се идентификуваат“.

    Потомците на Брашнаров со години чекаа и се надеваа дека ќе им биде земена ДНК за да се идентификуваат неговите останки, откако пред десетина години беше пронајден неговиот гроб во Мирогој.

    Панко Брашнаров (9 август 1883 – 13 јули 1951, Велес), кај велешани познат како Народниот учител, е првиот претседавач на АСНОМ на 2 август во „Прохор Пчински“. Бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. При апсењето на Брашнаров во 1928, петиција за негово пуштање од затвор потпишале 68 светски интелектуалци, меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Анри Барбис, Јакуп Хурвиц, Регина Рубен. Во 1950 е уапсен поради неговата поддршка на Сталиновата резолуција на Информирото против тогашна Југославија, а следната година испратен на двегодишна „општествено полезна работа“ на островот Голи Оток, каде по неколку дена во мизерни услови, болен умира.

    „Тој ги заборавил личните задоволства и семејната среќа, пред желбата за слобода и човечко достоинство. Повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори. Татко ми раскажуваше дека сите џебови на Панко биле сошиени, како да ги немал. Тоа било така за да не држи пари со себе, сите што ги имал ги давал. Потоа не сакал да се ожени, оти не сакал неговата фамилија да ги трпи последиците од револуционерната борба и ставовите кои ги имал“, раскажа Елена Панова, правнука на Панко.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира